Верниците од исламска вероисповед утре во 03:50 часот го почнуваат рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 23 мај. Во тој период верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.
Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.
По рамазанскиот пост, на 24 мај е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.
Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник.
МИА