Курти: Со обидот за формирање нова Влада се крши косовскиот Устав – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/20 7:55 AM

Курти: Со обидот за формирање нова Влада се крши косовскиот Устав

Вршителот на должноста премиер на Косово и лидер на Движењето Самоопределување, Албин Курти, го обвини косовскиот претседател Хашим Тачи дека со обидот за формирање на нова Влада на најостар начин се крши косовскиот Устав, јавува „Анадолија“.

Курти на синоќешната прес-конференција истакна дека изјавата на Тачи по консултативниот состанок со лидерите на парламентарните партии дека мандатот ќе го даде на партијата која ќе обезбеди мнозинство во Собранието, е газење на волјата на граѓаните изразена преку гласовите на изборите. Тој најави дека делувањето на претседателот Тачи ќе заврши на Уставен суд.

„Од обединувачката улога и надлежности дефинирани со Уставот, претседателот денес отиде во нелегалност. Поради тоа, формализацијата на денешните изјави несомнено ќе заврши на Уставен суд“, изјави Курти.

Тој рече дека постапувањето на Тачи во насока на формирање на нова Влада, без нови избори, не е надлежност на претседателот. Тој наведе дека претседателот треба да ги штити интересите на државата, а не партиските интереси, и дека треба да го распушти Собранието затоа што тоа е единствена процедура предвидена со Уставот.

Вршителот на должноста премиер на Косово истакна дека претседателот од него не добил негативен одговор на барањето да предложи нов мандатар, и дека не е негово сам да проценува кој е одговорот на Самоопределување.

„Денес истовремено политички застарениот клуб на средбата кај него објави дека не се залага за избори, изговарајќи ја така својата голема вистина: се плашат да се соочат со волјата на народот. Вечерва би сакал да повторам дека мојот приоритет како премиер е да спречам понатамошно ширење на Ковид-19 и дека сè друго партиско или политичко нема никаква важност, а особено моменталните интервенции кои сметаат во работата на Владата во услови на вонредна состојба на јавното здавје“, рече Курти.

Претходно во текот на денот на консултативен состанок кај претседателот на Косово, Хашим Тачи, освен Движењето Самоопределување, сите останати парламентарни партии се изјаснија за формирање нова Влада на Косово, без одржување нови избори.

По состанокот, претседателот Тачи соопшти дека ќе ја почитува волјата на мнозинството во Собранието на Косово, и дека Косово во наредните денови ќе има нова Влада.

„Косово има можност и зрелост да формира нова Влада и покрај оваа пандемија, и да гарантира демократско функционирање на институциите на Република Косово“, наведе Тачи.

По состанокот со Тачи, лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, изјави дека неговата партија е за формирање на нова Влада и дека е спремна да го преземе раководењето со Владата.

Тој рече дека неговата партија сака да формира нова Влада со Алијансата за иднината на Косово, Социјалдемократската иницијатива, Алијанса за ново Косово и со малцинствата.

Лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, рече дека неговата патија е против нови избори, но дека ќе остане во опозиција.

Владата на премиерот Курти падна на 25 март со двотретинско мнозинство во Собранието, по само 50 дена работа, поради смената на министерот од Демократскиот сојуз на Косово, Агим Велиу, и поради неукинување на таксите без воведување реципроцитет кон Србија, како што од Косово бараа Соединетите Американски Држави (САД).