Горд сум што се враќам во „Динамо“, но не знам како да дојдам во Загреб, изјави Гоце Седлоски за хрватски медиуми – ММС
ММС

Објавено на: 04/22/20 6:40 AM

Горд сум што се враќам во „Динамо“, но не знам како да дојдам во Загреб, изјави Гоце Седлоски за хрватски медиуми

Гоце Седлоски, љубимецот на загрепската публика, повторно се враќа на Максимир, овој пат да го води Б-тимот на „Динамо“, пишува „Спортске новости“, а пренесуваат и други хрватски медиуми.

„Да, станувам тренер на вториот тим на ’Динамо’ и веднаш ќе кажам, многу сум среќен и горд што се враќам на Максимир. Но, во целата приказна има еден голем проблем. Не знам како да дојдам во Загреб поради мерките за коронавирусот“, рекол Седлоски.

Гоце Седлоски (46) е еден од најдобрите фудбалери во Македонија воопшто. Во Хрватска играше за двата најлути ривали – „Хајдук“ и „Динамо“. Дресот на сплиќани го носеше од 1995 до 1997 година, па замина во „Шефилд“, од каде што во 1999 година дојде во „Динамо“. Многу брзо стана миленик на навивачите, а набрзо стана и капитен на екипата. Со „Динамо“ освојуваше трофеи – три првенства, три купа и два суперкупа. Посебно му беше импресивна сезоната 2003/2004, кога како стопер даде дури 20 голови за „сините“ на домашни и меѓународни натпревари, објавуваат хрватските медиуми.