Ноќта, во моментот кога се прогласува Воскреснувањето на Христос, православните верници наместо в црква, ќе бидат во своите домови поради полицискиот час, кој почна во 16 часот во петокот и ќе трае до 6 часот во вторник. Во храмовите ќе се служат богослужби и литургии, кои ќе се пренесува во живо, а верниците ќе можат да ги следат пред малите екрани или на интернет. Свештеници повикуваат, пред полноќ, сабота спроти недела, верниците со свеќа в рака да излезат на терасите и во дворовите и да го запеат тропарот Христос воскресе.
Вонредната состојба настаната поради пандемијата со Ковид-19 наложи и вонредно празнување на најголемиот христијански празник Велигден.
Пораки верниците да се останат дома деновиве упатија и црковните лица и властите.
– Да го претвориме секој дом во црква и да го празнуваме Христовото Воскресение со најблиските. Љубовта кон Господ да ја сведочиме со грижата и љубовта кон ближниот, особено кон оние кои се на првата борбена линија во борба со Ковид-19, и да останеме дома. Христос воскресна за сите, за секого и секаде. Верувајте во Воскресението на Христа а не во местото на воскреснувањето. Во изминатите 2000 години постојано имало периоди во кои христијаните не можеле да се собираат во црквите, но тоа не ја ослабнало нивната вера, гласат дел од пораките.
Од Архијерејскиот Синод на МПЦ-Охридска архиепископија излегоа со десет насоки кон кои верниците треба да се придржуваат. Освен литургии и богослужби со најмногу пет присутни верници на одредено растојание, црквата им препорачува на старите, изнемоштените и имунослабите лица да не ги посетуваат светите храмови. Доколку овие лица сакаат да се причестат, тоа да го направи свештеник во домашна атмосфера.
МИА
Фото: vremetoiznacite.mk/