Новозаразен со корона вирус во Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 04/16/20 12:38 PM

Новозаразен со корона вирус во Кавадарци

Во Кавадарци е регистриран уште еден нов позитивен случај на Ковид 19, информираат од кавадаречката болница. Лицето е на домашно лекување со полесни симптоми.

„Се работи за 36-годишен кавадарчанец , кој за прв пат се јавил на преглед во Инфективната амбуланта во нашата болница на 9-ти април со симптоми на лесно покачена температура, чешање во грлото и малаксаност. По направениот специјалистички преглед,  пациентот е упатен на дополнителни лабораториски испитувања  и Ртг на бели дробови. Утврдено е дека наодите од овие испитувања се уредни. Препишана е соодветна симптоматска терапија и совет за домашно лекување.   Заради симптомите, кои се карактеристични за КОВИД 19, лицето веднаш е упатено во Центарот за јавно здравје Кавадарци, каде што му е земен брис од  грло и нос.  Потоа од страна на Епидемиологот, по протокол, даден е совет за самоизолација во траење од 14 дена“ информира д-р Коцев.

Тој нагласи дека денес, по добиениот позитивен резултат, пациентот е контактиран од страна на инфектолог од кавадаречката болница, при што е добиен податок дека истиот е без никакви симптоми и се чувствува добро. Контактирана е веднаш Инфективната клиника во Скопје за овој случај и од таму е потврдено дека пациентот во овој момент нема потреба да се хоспитализира. Дадена е препорака истиот да остане на домашно лекување во траење од 14 дена , со назнака да биде во секојдневен контакт со матичниот лекар и за било каква промена да се консултира инфектолог.

Во ЦЈЗ Кавадарци извршена е епидемиолошка анкета за лицето, контактите се веќе утврдени, кај сите  се земени брисеви и истите се испратени на испитување.

Директорот на болницата упати честитка до сите граѓани по повод претстојните велигденски празници и аплеираше целосно да се почитуваат превентивните мерки.

Ангел Данов