СЕММ: ТВ „Алфа“ информираше нефер и неточно за случај со „Канал 77“ – ММС
ММС

Објавено на: 04/15/20 3:00 PM

СЕММ: ТВ „Алфа“ информираше нефер и неточно за случај со „Канал 77“

Телевизија „Алфа“   информираше неточно и нефер, за случај со гостин со можен случај на Ковид 19 во емисија „Канал 77“, што може да го стигматизира медиумот и да шири неосновани стравови и меѓу вработените во медиумот и во околината. Вака објавената информација не може да се протолкува поинаку освен како сензационализам. Ова е наведено во одговорот од Советот на етика во медиумите во Македонија СЕММ, по одговор на жалбата за пишувањето на Алфа, што ја поднесе управителот на „Канал 77“, Горан Гаврилов.

Оваа жалба се однесува на ТВ прилог на дописничката на телевизијата од Штип,  кој пренесува информација за лице, кое е негативно на коронавирусот и кое гостувало на „Канал 77“, а чија цел, според наводите во жалбата е „да се предизвика ширење страв, паника и дефитизам“.

Извршната канцеларија на СЕММ, стапила во контакт со телевизија „Алфа“ и побарала да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Меѓутоа, медиумот не одговорил на наводите на жалбата.

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е ОСНОВАНА и дека Кодексот на новинарите на Македонија е прекршен во членот 8.

Член 8: „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“.

Во решението на СЕММ понатму стои:

„На седницата на 8 април 2020 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за прилог кој произлегува од јавниот интерес и пренесува информација за актуелната состојба со болеста Ковид – 19 во Штип.

Сепак, Комисијата најде дека авторот на прилогот, зборувајќи за бројот на заболени од вирусот во Штип, објавил и информација дека незаболено лице гостувало во емисија на медиумот „Канал 77“. Став на Комисијата е дека ваквата информација, која всушност е и предмет на жалбата, е целосно ирелевантна и не е во насока на подобро разбирање и согледување на значаен аспект на темата за која се говори. Напротив, објавувањето на информација дека лице негативно на вирусот, кое имало роднинска врска со заболени граѓани, гостувало во емисија на „Канал 77“, несомнено, може да му нанесе штета, да го стигматизира медиумот и да шири неосновани стравови и меѓу вработените во медиумот и во околината. Вака објавената информација не може да се протолкува поинаку освен како сензационализам. Во контекст на одлуката е и јавното тврдење на управителот на „Канал 77“ дека го замолил дописникот на „Алфа“ ТВ  да се воздржи од објавување на информацијата, која може да му нанесе штета на медиумот.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Во овој контекст, Комисијата ги повикува медиумите и новинарите кога објавуваат информации едни за други да настојуваат да го задржат угледот на својата професија и да ја поттикнуваат заемната солидарност во насока на одржување рамнотежа меѓу чесната конкурентност и професионалната солидарност, стои во решението на Советот за етика во медиумите  (СЕММ).