Амбасадата на САД донираше заштитна медицинска опрема за здравствените работници – ММС
ММС

Објавено на: 04/15/20 2:20 PM

Амбасадата на САД донираше заштитна медицинска опрема за здравствените работници

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во улога на национален координатор за распределба на странска помош во земјава и министерот за здравство, Венко Филипче денеска во присуство на амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз ја примија донацијата од САД за нашата земја, која се состои од заштитна медицинска опрема за борба против Ковид-19, соопшти владината Прес-служба.

– Ова е дел од онаа поголема најавена поддршка од над еден милион долари. Се работи за различна заштитна облека – маски, одела.., кои се наменети за лекарите, за епидемиолозите и останатите здравствени работници. Оваа опрема им се става на располагање на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, на кои секако им е најпотребна, имајќи предвид дека опремата ќе ја користат медицинските лица кои се првата одбрана на земјата од епидемијата, истакна Османи.

Филипче упати благодарност до американската амбасадорка за донацијата од страна на САД, која во овие моменти е неопходна со справувањето со коронавирусот во земјава. Тој истакна дека оваа донација од заштитна опрема за здравствените работници ќе им помогне во заштита на нивното здравје во време при извршувањето на работните обврски.