Не се затворајте во својата „љуштура“ и гето, за полесно да спиете сметајте дека цела држава е заразена, рече лекар за идејата градоначалникот на Охрид да го затвори градот – ММС
ММС

Објавено на: 04/12/20 3:47 PM

Не се затворајте во својата „љуштура“ и гето, за полесно да спиете сметајте дека цела држава е заразена, рече лекар за идејата градоначалникот на Охрид да го затвори градот

-Не е хумано, коректно, ниту епидемиолошки издржано барањето на Општина Охрид да се забрани влез и излез за жители од други градови, рече на денешната видео-сесија  епидемиологот од Институтот за јавно здравје, д-р Жарко Караџовски. Овој одговор доаѓа на барањето на Кризниот штаб на Охрид, за велигденските празници да се забрани влез во градот, како превенција и справување со заразата, а тоа го објави на својот Фејсбук профил градоначалникот Константин Георгиески.

„Такво прашање воопшто не е анализирано, а барањето е нехумано. Може  Скопје да има и два милиона жители и да се вика Скопје, Македонија, и доколку тие граѓани ги почитуваат мерките, ќе нè биде. Затворање во својата ‘љуштура’, своето ‘гето’ кое се вика ’Затворено за останатите жители на државата‘, прво не е коректно, второ, тие луѓе плаќаат данок на општината каде живеете, каде градоначалникот собира пари од тие луѓе. Трето, општината добива помош од државата, заштитните средства доаѓаа од овде и спрема тоа затворање на локално ниво или создавање на такви виргинални подрачја во која нема да има влез, ниту излез на други граѓани сè со цел да се заштитиме ние, не е хумано, ниту коректно и не е епидемиолошки издржано. Сакам да ви кажам, сметајте дека во целата држава има зараза, за полесно да спиете и денес и утре“, рече др. Караџовски.