Семејното насилство се шири како Ковид-19, алармираат од Здружението за еманципација,солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и бараат итна координација на надлежните институции за заштита – ММС
ММС

Објавено на: 04/12/20 11:48 AM

Семејното насилство се шири како Ковид-19, алармираат од Здружението за еманципација,солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и бараат итна координација на надлежните институции за заштита

Итни препораки за соработка и координација на надлежните институции за заштита на жените кои претрпеле семејно насилство во услови на криза и вонредна состојба, бараат од  Здружението за еманципација,солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, кои повеќе од една деценија обезбедуваат бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка на жени кои претрпеле семејно насилство.

Тие во барањето што го упатија до сите релевантни институции во државава потенцираат дека работејќи посветено на оваа проблематика, настојуваат и во услови на вонредна состојба и обврската за почитување на превентивните мерки и препораки за заштита и превенција од Ковид-19, да им обезбедат соодветна помош и поддршка на најранливите.

-Сакаме да укажеме на потребата од взаемна соработка на сите надлежни институции со цел да им помогнеме на жените и децата кои претрпеле семејно насилство, а истовремено да придонесеме за заштита на јавното здравје. Со цел обезбедување на ефективна заштита ги поднесуваме овие препораки за итно постапување на Владата, надлежните министерства и институции во периодот на вонредна состојба и примена на мерките за ограничено движење на населението во државата. Владата, во соработка со МРТ, да ги информираат граѓаните обврската дека секој има обврска да информира за случување на семејното насилство, како и да се обезбедат основни информации за помош и поддршка. Владата, во соработка со сите мобилни оператори, да достави СМС порака за пријавување. Ваква информација да биде достапна и на сите он-лајн средства кои ги користи Владата и ресорните министерства со цел сите заинтересирани и да ги добијат сите информации за можностите за заштита и конкретно за начинот на функционирање на системот во вонредна состојба, бараат од Здружението.

Според нив да не се претпоставува дека веќе поставените контакти овозможуваат и пристап до заштита. Владата, во соработка со претпријатијата кои издаваат месечни сметки за  снабдување со струја и вода, да вметнат кратко инфо за пријавување и заштита од семејно насилство,оние кои немаат телефон да се информираат со цел да се упатат каде можат да се обратат директно.

-Владата, во соработка со поголемите синџири на супермаркети или локално познати поголеми продавници, да дистрибуираат кратко инфо за пријавување и заштита од семејно насилство. За оние кои немаат ТВ и мобилни апарати, односно живеат во супстандардни услови и немаат пристап до струја и вода, да се информираат преку локалните кризни штабови, односно претставници на заедницата кои имаат контакти со оваа ранлива категорија на граѓани. Овие активности Владата да ги организира преку Локалните кризни штабови.  МТСП и МВР веднаш да ги контактираат сите локални кризни штабови во единиците на локалната самоуправа и да ги информираат за потребата од обрнување на внимание на појавата на семејно насилство, како и да ги информираат за начинот и потребата од итност во постапување во овие случаи. Локалните кризни штабови да ги информираат најранливите категории на граѓани  и можната заштита, информираат од ЕСЕ.

Од таму  и препорачуваат на Владата да обезбеди заштита на жените, односно да формира посебен кризен фонд за заштита за покривање на трошоците за згрижување и животните трошоци за жените и нивните деца. Министерството за труд и социјална политика итно да достави информација за итност на Центарот за социјална работа, итно одговарање на барањата на жените добиени преку службена пошта или телефонски повици,  зголемена подготовка на предлози за изрекување на привремени мерки за заштита во соработка со полиција, здравствени установи, граѓански организации, промена на решенијата за видување на децата, односно ограничување на  видувањата на децата во периодот додека се на сила мерките на Владата за ограничено движење на населението, асистирање на полиција во згрижувањето на жените кои  претрпеле семејно насилство и утврдување на нивните потреби.

– МТСП итно да достави информации до ЦСР за интензивирање на соработката со граѓанските организации каде жртвата го пријавила насилството, во однос на проценката на ризик и опасност од насилство и преземање на понатамошни  дејствија за заштита на жените и нивните деца.  МВР да достави наредба до сите полициски станици, сите случаи на семејно насилство да бидат заведени и веднаш да биде информиран надлежниот инспектор кој работи на оваа проблематика. МВР да наложи итност во постапувањето на надлежните инспектори вклучително и излегување на терен во семејствата обезбедување на згрижување на жените. Полицијата, во соработка со ЦСР, да го организира згрижувањето на жените, да го посетат домот, да асистираат за земањето на личните работи на жената и децата и да организираат сместување во засолниште или хотел, велат од ЕСЕ и додаваат:

„ Жените кои не прифаќаат да бидат засолнети во државните засолништа веднаш да бидат сместени во хотели  се до завршување на вонредната состојба, со надоместување на овие трошоци, како и трошоците за живот, преку фондот формиран за таа намена. Полицискиот инспектор да организира редовно патролирање на полиција во местото на сместување на жртвата.  Министерство за правда, во соработка со Советот на јавни обвинители и ЈОРСМ да достави информации до ОЈО за итност во постапувањето во кривичните постапки за сторени кривични дела.  Министерството за здравство итно да достави до здравствените установи информација за обезбедување на бесплатни здравствени услуги за жените, како и да соработуваат со ЦСР и полиција при преземањето на мерки за заштита од семејно насилство. Како организација стоиме на располагање за дополнителни информации и предлози за надминување на новонастанатата ситуација, а со цел заштита на една од најранливите категории граѓани“, информираат од Здружението.