Директорот на АВМУ за власта „партиската фигура“ која не успееја да ја сменат три години – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/20 4:07 PM

Директорот на АВМУ за власта „партиската фигура“ која не успееја да ја сменат три години

Има ли компас во владиниот авион, кога е во прашање помошта за медиумите? Агенцијата за медиуми – АВМУ самостојно одлучи да подели првична помош на медиумите, како што се пофали нејзиниот директор Зоран Трајчевски, сама и без консултација со Владата. Понатаму во објаснувањата, Трајчевски се дополни – тоа е затоа што не го признава министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, кој како што рече е во измислено министерството. За Дамјан Манчевски вториот министер од областа, Трајчевски рече дека Манчевски  не го комуницира. Изгледа замрсено, но на крај дали поради суети, ега или издигнување над системот, организиран одговор од институциите, во моментов нема.

 

Што всушност се случи?

АВМУ во време на економската и здравствената криза со корона вирусот еден по еден претставник на медиумите ги повика да потпишат договори во просториите на Агенција, преку кои додели помош, како што објасни нејзиниот директор од заштедата. Од која заштеда, се наметнува лочично прашање, кога според законот за АВМУ, Агенцијата е непрофитно регулаторно тело, што значи на крајот од годината не смее да оствари профит. Не само што АВМУ има профит,туку и успеала да оствари и заштеда од 73 милиони денари што ја подели како интервентна помош на медиумите.  Како тоа поминало на Собраниската Комисија за финансирање, кога годишниот буџет е 79 милиони денари, додека  како што тврди Трајчевски, успеале да заштедат милиони. Дали тоа значи дека при поднеувањето на извештајот  ја лажел Комисијата за финансирање, кога барал годишен буџет,а имал сопствени пари?

Во телевизиското гостување, директорот Трајчевски кажа дека штеделе на телефонски сметки и за чистење на просториите и речиси ги исмеа органите на државата дека биле раскалашени во трошењето. Управата на Агенцијата не само што била штедлива при плаќањето на сметките, тука успеала да тргне настрана за црни денови.

-Најдовме начин да помогнеме со донација преку средства што Агенцијата успеала да заштеди изминатите години и одлучувме двете последни уплати што ги направиле радиодифузерите да им ги вратиме на медиумите. Таа сума изнесува 73 милиони денари, кажа Трајчевски.

Независните регулаторни тела како АМВУ и АЕК  се покажаа како богати и финансиски можни, па во минатото, во време на претходната власт, парите од АЕК се користеа за финансирање на проекти од Скопје 2014. До 2015 година, законот предвидуваше овие регулаторни и непрофитни тела, на крајот на годината виштокот пари да се инвестира во унапредување на дејноста, во случајот со АВМУ – унапредување на радиодифузната дејност. Но, наместо тоа, како што слушнавме од Трајчевски, парите се штеделе. Во банка, за камата? Го прашавме самиот Зоран Трајчевски.

-Имаме сметка во Комерцијална банка, меѓутоа, парите ниту се орочени ниту течат камати“, одговори Трајчевски.

Заштедените пари сега се искористија да се помогнат медиумите. При тоа, АВМУ тоа го направи самостојно, како што рече Трајчевски, без консултација до Владата, бидејќи одлуката и средства се исклучиво нивни. Кога беше прашан зошто нема координација со Владата,со министерот задолжен за медиумите, Роберт Поповски,  директорот на АВМУ кажа став дека Поповски е измислен министер.

– Измислена позиција е таа на Роберт Поовски, не постои никаде во демократскиот свет. Владата може да измисли уште 150 такви позиции, ние не можеме да си го губиме времето со такви измислени позиции и да комуницираме. Јас не зборувам за Роберт што има за транспарентност, отчетност, така што не го не со сметаме за ресорен министер“, изјави Трајчевски.

Од своја страна пак, Роберт Поповски, кој беше споменат во изјавата на Трајчевски дека не го смета за ресорен министер, вели дека Трајчевски е партиска фигура, и АВМУ претставува најголем проблем во оваа држава поради некоректното однесување кон медиумите.

Трајчевски од ресорните министри го признава само Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација, со кого се видел, како што кажа, само два пати до сега. Манчевски сам одлучил да не комуницира со Трајчевски, како што самиот објасни.

– Не е никаква тајна дека јас немам никаква комуникација со министерот Манчевски, досега сме се виделе два пати. Владата во оваа активност не е вклучена. Има логика да комуницираме интензивно, но тој уште од првиот момент одлучи така и тоа е негова одлука, рече Трајчевски.

На ставовите на Трајчевски, министерот Манчевски смета дека во едно нормално демократско општетсво не би требало да има мешање на државата во еден самостоен регулатор, а зад зборовите на Трајчевски смета дека има политика.

– Впрочем тоа и неговото CV го кажува дека тој имал во минатото високи функции во извршната власт и локалната власт како претставник на ВМРО ДПМНЕ и апсолутно ја злоупотребува оваа ситуација кога неговата матична партија ВМРО ДПМНЕ изврши незаконска, неуставна блокада на изборот на новиот програмски совет на МРТВ и на советот на самата медиумска агенција, со што тој се уште остана да раководи со агенцијата. Господинот Трајчевски едноставно одлучи да води политика, да ги претставува и да ги застапува интересите на својата матична партија ВМРО ДПМНЕ и во таков контекст настапува во овој период со оглед на тоа што веројатно се чувстува сигурен дека барем уште некое извесно време ќе остане на позицијата во која што е“, вели Манчевски .

Тој убедува дека нема да дозволи политичка злоупотреба на ниту еден од регулаторите и доколку се продолжи со ваквата пракса тој најави дека соодветно ќе реагира.

До сега АВМУ и директорот Зоран Трајчевски во состојба на многу живата коалиција ВМРО ДПМНЕ – ДУИ покажаа дека никој ништо не им може, со целосна контрола на тоа кој медиум ќе добие дозвола за работа. Само нивна одговорност е состојбата за која и Трајчевски се пожали во гостувањето дека е лоша, бидејќи има премногу медиуми. Со тоа самиот си упати критика, бидејќи тој и неговата Агенција, преку издавањето дозволи, директно го продуцираат тој медиумски хаос.