По одлука за 24-часовен карантин редици пред секој маркет во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 04/3/20 6:50 PM

По одлука за 24-часовен карантин редици пред секој маркет во Куманово

Одлуката за 24-часовен карантин на Куманово предизвика сериозен хаос во градот. Метеж во сообраќајот, долги редици пред скоро секој маркет и аптека.

Граѓаните масовно излегоа од домовите да се снабдат со потребните намирници за претстојниот викенд во кој на сила ќе биде целосна зарабана за движењето почнувајќи од вечерва од 21 часот.

Одлуката следува по неодговорното однесување на граѓаните кои не ги почитуваа препораките за намалено движење со што значително започна од ден на ден да расте бројот на заболени.

Сепак, остра критика добија надлежните за краткиот период во кој им ја соопштија ваквата одлука на кумановци. Тоа ги натера да излезат сите од своите домови во набавка на намирници, кои не успеале да ги набават претходно.

Редици имаше пред маркетите и аптеките, што во продолжение може да се погледне и низ објективот на нашиот дописник.

Евидентно е дека ретко кој од оние во редиците ги почитува препораките за заштита, односно ретко кој носи заштитни маски и ракавици или пак одржува пропишано меѓусебно растојание.

На терен нема значително големо полициско присуство, освен сообраќајната полиција на неколку крстосници кои го регулираат огромниот метеж во сообраќајот.

Сепак пред Секторот за внатрешни работи Куманово има голем број полициски возила кои веројатно вечерва ќе бидат сите на терен и ќе го контролираат спроведувањето на мерките.