Неказнувањето на насилниците ќе доведе до повеќе насилство – велат од ЕХО за случајот со претепаната девојка во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 04/3/20 7:00 AM

Неказнувањето на насилниците ќе доведе до повеќе насилство – велат од ЕХО за случајот со претепаната девојка во Штип

Домашната легислатива нуди повеќе можности за санкција на двајцата штипјани кои претепаа и навредуваа своја сограѓанка – настан кој ја потресе домашната јавност и кој е документиран со видео запис, што вчера осамна на социјалните мрежи.

-Момчињата од кои едниот ја тепа девојката, а другиот го снима немилиот настан би можеле да бидат санкционирани според Кривичниот законик. Исто така може да се применат и одредбите од Истанбулската конвенција, која земјава ја ратификуваше во 2018 –та година, објаснува во изјава за Македонскиот медиа сервис, претседателката на штипската Едукативно хуманитарна организација ЕХО, Бети Пеева иако според неа имплементацијата на овој документ што го дефинира домашното и насилството врз жените воопшто, се’ уште не е завидно ниво:

„Она што е проблематично во моментот со имплементацијата на Истанбулската конвенција е тоа што се’ уште законската регулатива не ни е усогласена со препораките. Две години наназад се работеше на тоа, но кај нас имаше општествено политички случувања што го одложија донесувањето на нови законски легислативи, измени или нов Кривичен законик, на нов Закон за родово базирано насилство. Сепак, забележуваме некаква поголема сензитивност на институциите со кои ние конкретно имаме работено како Организација, сметам дека оваа реакција се должи на тоа што овие лица професионално си ја вршат својата работа. Ќе видиме како натаму ќе се одвива целата постапка“.

  Има одредби и во Кривичниот законик коишто упатуваат на тоа дека може да бидат санкционирани, вели Бети Пеева од ЕХО

И покрај долгогодишните настојувања на невладиниот сектор, во Македонија се’ уште нема Закон за родово базираното насилство, но сепак,  Законот за семејно насилство содржи одредби кои се однесуваат на интимното партнерство.

„Ние имаме Закон за превенција, заштита и спречување на семејно насилство, но во тој Закон има одредби каде се санкционира и партнерското насилство. Апсолутно може и според тој закон да се изречат санкции, а има одредби и во Кривичниот законик коишто упатуваат на тоа дека може да бидат санкционирани. Инаку, ваквите видеа создаваат различни интенции кај јавноста. Доколку ова не биде соодветно санкционирано ќе се создаде  поттик за други сторители дека може неказнето да поминат преку вакви случки и доколку се санкционираат соодветно ќе се даде порака дека насилството не може да се толерира“,  вели Пеева, која потенцира дека организацијата ЕХО веќе контактирала со девојката од видеото и и’ понудила стручна психолошка помош.

„Согласно нашата законска регулатива може да се постапи и кога друг има сознание за извршено насилство и самите сторители си направиле лоша услуга што видеото излезе во јавност. Од една страна е добро што се знае за случката и надлежните институции реагираа навремено. Меѓутоа откако беше изреагирано соодветно, барем според сознанијата што ние ги имаме во моментот, не треба дополнително да ја трауматизираме жртвата, затоа што психолошките последици понатаму ќе бидат далекусежни. Дефинитивно на девојката и’ е потребна стручна помош. Ние како организација веднаш се понудивме тоа да го обезбедиме. Ние имаме стручњаци од областа на психологијата, имаме адвокати ако е потребно застапување. Прилично сме обучени да постапуваме во вакви случаи. И’ стоиме на располагање на жртвата, која ја знаеме од порано и таа има доверба во нашата работа. Тоа што може да го направиме ќе го направиме соодветно. Сите се известени. Известена е и девојката во случајов и сепак се’ зависи од тоа дали таа ќе сака да се поведат понатамошни процедури за нејзина психосоцијална поддршка. Сето друго ќе се води по службена должност “, додава нашата соговорничка.

Дали девојката била во  партнерски однос со едно од момчињата допрва треба да утврди Центарот за социјална работа Штип. Во меѓувреме, момчињата се веќе приведени – инфрмираа попладнето од полицијата.