Во кругот на Универзитетската Клиника за инфективни болести е поставена мобилната болница за прием на пациенти со коронавирус. Во неа ќе има 130 кревети и соодветни услови, тоалети, тушеви. Целосно ќе биде ставена во функција во текот на следната недела.
Мобилната болница е поврзана со Инфективната клиника и ќе го надополни нејзиниот капацитет. Во нејзиното поставување, што траеше неполни седум дена, беа вклучени Град Скопје, Министерството за здравство и Министерството за одбрана.
Локацијата каде што е поставена мобилната болница денеска ја посетија вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Мобилната болница е поставена на просторот, каде што беа бараките на поранешниот студентски дом „Медицинар”, кои Град Скопје ги урна и го уреди просторот.
Со неа допонително се зголемуваат капацитетите за хоспитализација на инфицираните од Ковид-19. Здравствениот систем во земјава, како што велат од Министерството за здравство, е подготвен да прими и поголем број пациенти од тие кои сега се третираат во болниците, како и за пикот на коронавирусот во државава, што според проценките се очекува на крајот на месецов. На располагање се повеќе од 1.000 болнички кревети за хоспитализирање на пациенти со коронавирус и тоа во Клиниката за инфективни болести со дополнителните капацитети, ГОБ „8 Септември”, инфективните одделенија во Штип, Гостивар и Велес, Институтот за белодробни заболувања во Козле, депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.
Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со коронавирус располага со 250 болнички кревети, а со близу 400 кревети располага ГОБ „8 Септември” во Скопје. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 59 пациенти, што претставува една четвртина од расположливите капацитети само на оваа локација, што значи дека овие институции располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти по инфективна медицина и обучен медицински персонал.
Моделот на третман и лекување на тешките и средно тешките пациенти во институции каде има специјалисти по инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување е модел на пристап кон пациентите со коронавирус што се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја, потенцираат од Министерството за здравство.
МИА