Македонскиот шампион Вардар пред точно една година на денешен ден стана европски првак во ракомет, откако во неверојатна драма во „Ланксес арената“ го совлада ПСЖ со 23-24 (12-11) и првпат застана на врвот на стариот континент.
Штербик блескаше на голот на Вардар, Дибиров постигна шест гола, но целиот колектив одигра фантастично и тоа беше главната причина за огромниот успех на вардарци. Херој на мечот беше хрватското крило, Иван Чупиќ, кој го постигна победничкиот погодок во директниот дуел со Тјери Омејер.
Покрај одличната игра на „црвено-црните“ во нападот и клучните голови на Чупиќ и Циндриќ во завршницата, она што им ја донесе победата беше цврстата одбрана и итрината при ротирањето.
Шишкарев, Циндриќ и Дибиров беа реализатори на неколку контра напади, а нашите рекометари постигнаа и два погодоци на празен гол, казнувајќи ја несмасната игра на францускиот шампион. Финалето беше вистинска ракометна рапсодија за избраниците на Раул Гонзалез, кои одиграа перфектна одбрана против еден од најдобрите напади во светот. Овој незаборавен подвиг на Вардар до раните часови се славеше во Скопје, но и во Келн, каде голем број на спортски работници како и симпатизери на „црвено-црните“ го обоија овој град во црвено-црна боја, а од сала ракометарите ги пречекаа како херои!
Извор: www.gol.mk