Поради интензивни врнежи од снег, забрана за движење за тешки товарни возила има на планинските премини Барбарос, Стража, Пресека и на патниот правец крак Маврово-Дебар, информираат од АМСМ.
Сообраќајот за тешки товарни возила на планинскиот премин Плетвар е нормализиран.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива, по влажни коловози. Врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, Маврово, Кула, Крушево, Крива Паланка – ГП Деве Баир и на планинските премини Стража, Ѓавато и Пресека.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
За македонски државјани се затворени сите гранични премини за излез од државата. Затворени се сите гранични премини за влез во државата за странски државјани, патници и возила, освен за транзит на товарни возила, за претставници на дипломатскиот кор и тие кои што ќе добијат соодветна дозвола од страна на МВР, а по претходно добиено мислење од страна на главниот координативен штаб.