Македонското правосудство денеска го одбележува Денот на основањето на судовите, односно поставувањето на темелите на судството во Република Македонија.
Претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Киро Здравев, денеска го честита денот на судството и посака добро здравје и успех во понатамошната работа во овие тешки времиња.
– Судиите и судските службеници останаа истрајни во решеноста да ја повратат довербата на граѓаните преку непристрасно применување на правото, неселективна правда, заштита на човековите права и основни слободи, еднаквост, рамноправност, недискирминација по било кои основи и обезбедување на правна сигурност врз основа на владеење на правото, порача Здравев.
Формирањето на првите редовни цивилни судови во Македонија почнува со донесувањето на Одлуката на Второто заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, за формирање на судски органи и поверенство за судство, како и судски оддели при народноослободителните одбори и нивните задачи.


