Земјоделците и агрофирмите од поразвиените европски земји масовно остануваат без работници, па овошјето и зеленчукот нема кој да ги бере. Со затворањето на границите поради пандемијата на коронавирусот, стана видливо до која мера Европа, од Шпанија до Шведска, зависи од сезонските работници „увезени“ главно од источна Европа, а некаде и од Африка. Овошјето и зеленчукот почнаа да скапуваат. Тоа е особено видливо во земјите-членки на ЕУ, но и во Велика Британија, која веќе не е во тоа друштво, но и на островот нема кој да ги обере малините, да го извади компирот од земја, пренесува БиФ,
Јагодите скапуваат во Шпанија, Италија, Франција… Германија зависи од 300.000 сезонски работници во текот на пролетта и летото. Бидејќи нивното доаѓање од други земји сега не е можно, се пријавиле 16.000 државјани на Германија, но тоа е далеку помалку од потребите. Саатнината на берачите досега беше еднаква на минималната саатнина во таа земја – 9,35 евра.
Во Франција се пријавиле 40.000 луѓе за работа, од кои повеќето никогаш не работеле такво нашто, а потребни се 200.000. Во шпанскиот регион Хуелва ќе пропадне 80 отсто од производството на боровинки зашто досега ги береа 9.000 Мароканци. Уште потешко е во Италија, во која досега во овој период од годината работеа 370.000 сезонци главно од источна Европа. Тие сега нема да дојдат, а само 2.000 луѓе од Италија се пријавиле за таква работа.


