Во Албанија регистрирани 23 парцели со дрога – ММС
ММС

Објавено на: 06/4/18 11:46 AM

Во Албанија регистрирани 23 парцели со дрога

Албанската полиција соопшти дека оваа година во земјата се регистрирани 23 парцели заседени со дрога. Евидентирањето на парцелите е извршено во текот на мај со хеликоптери на албанското МВР со поддршка на италијанската полиција.

Директорот на Управата за јавен ред и мир и јавна безбедност, Ѓовалин Лека, изјави дека во споредба со минатата година бројот на засадените парцели е многу помал, односно дури 53 парцели помалку. Албанската полиција во соработка со италијанската полиција во првите пет месеца од годинава откри и заплени големи количини дрога од типот канабис сативас. Најголемата количина дрога запленета оваа година е на 2 мај кога беа откриени 2,4 тони дрога вредна над 2о милиони евра во акцијата која беше реализирана во Јадранското Море во близина на италијанското крајбрежје.

Вкупната количина што била откриена и запленета во периодот јануари – мај годинава е 5 тони, без да се земат предвид помалите количини дрога фатени во земјата, како и на граничните премини кон Црна Гора и Грција, изјави претставникот на албанското МВР.

Албанските медиуми нагласуваат дека и покрај тоа што во земјата има намалување на бројот на засадени парцели со дрога, како и намалување на шверцот со дрогата од типот канабис сатавас, меѓународниот фактор бара од официјална Тирана и понатаму зголемени активности околу стопирање на производството и шверцот со дрога во Албанија. Во бројните реагирања на странските дипломати, меѓу условите кои се зададени на албанската влада за почеток на преговорите е и борбата против производството и шверцот со дрога.