Целосно или делумно прекинатото производство во дел од фабриките во индустријата и затворените угостителско-туристички објекти поради коронакризата ги доведуваат во прашање работните места на илјадници лица. Дел од работодавачите засега наоѓаат модалитети да ги задржат работниците, но невладините организации за работнички права веќе информираат за случаи дека работници се одјавени, а воопшто не знаеле. Експертите, пак, препорачуваат државата што поскоро да излезе со помош за фирмите. Задржувањето на работниците, истакнуваат, ќе биде клучно и за повторно нормализирање на производството и закрепнување откако ќе заврши кризата.
Глобалниот прекин во автомобилската индустрија се одрази и кај нас, а фирмите членки на Советот на странските инвеститори засега ја стопираа на неколку недели работата.
– И покрај ваквите неповолни случувања и сериозните финансиски последици, компаниите членки на Советот за странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија преземаат напори и мерки да не отпуштаат работници, планираат да искористат одреден модалитет, но првенствено сакаат да ги задржат вработените. Така, компаниите планираат претстојниот период на прекин на производството да го искористат за реализација на обуки за вработените или вработените да користат неискористен редовен годишен одмор од минатата година и мал дел од одморот за оваа година, евентуално користење принуден одмор и сл. Тоа се охрабрувачки чекори во дадената ситуација, изјави вчера Зоран Јовановски, член на УО на Стопанската комора на Македонија.
Истовремено, Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец”-Штип, вчера упати апел работниците да не потпишуваат спогодбени откази ниту, пак, празни листови. Првите вакви случаи, тврди таа, ги забележале во странските компании, но и во текстилните фабрики. Ваквите измами и потпишувања спогодбени откази за работниците ќе значат дека ќе немаат никаква правна помош, а работодавачите ќе можат да ја добијат државната помош, која е дел од мерките за коронавирусот, укажа Ампева. Таа побара Владата итно да побара список од Агенцијата за вработување и да се види точната бројка на вработени во реалниот сектор, а во оние фирми каде што ќе се утврдат вакви неправилности да се избришат од листата за државна поддршка како дел од мерките за справување со коронавирусот. Реагирано е и до Трудовиот инспекторат за работнички кои дознале дека се одјавени, откако отишле кај својот матичен лекар, кој им кажал дека немаат здравствено осигурување.
– Најголем дел од работниците не ни знале дека се одјавени, значи тие оделе на работа, а кога одат на доктор гледаат дека немаат здравствено осигурување и дека всушност се одјавени многу поодамна. Најмногу страдаат мајките на деца под 10 години и хронично болните. Такви примери имаме и во Штип, информира Ампева.
Претходно, угостителскиот сектор, кој е еден од најпогодените од кризата, предупреди дека се загрозени работните места на 29 000 вработени откако најголемиот број угостителски објекти во државава ставија клуч по стапувањето во сила на вонредните мерки што ги прогласи државата.
– Доколку нема предвидена помош со која ќе можеме да се одржиме, потребно е веднаш да ни биде соопштена таа одлука, за да може вработените кои ќе бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31.3. да аплицираат навремено за други мерки за помош за да не останат без никаков приход, апелира Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство.
Угостителскиот сектор бара од државата субвенционирање минимална бруто-плата за вработените, во периодот додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните шест месеци, замрзнување и репрограма на обврските по кредити и камати, како и други достасани обврски кон банките до завршување на кризата и итно отворање на кредитните линии со субвенционирана камата.
Препорака за итни мерки од економските власти вчера повторно упати и Институтот за економски политики и истражувања Фајнанс тинк, меѓу другото, како што соопштија и со спасување на платните исплати на фирмите.
– Оваа група мерки се однесува на зачувување на работните места и платите на работниците кои не се во производниот процес поради индуцираната контракција и/или кои имаат драстичен пад на приходите. Владите на Велика Британија и на Данска, на пример, плаќаат 80 проценти и 75 проценти, соодветно, од трошокот за плата на работниците. Фирмите имаат обврска да го платат остатокот, за што се поддржани со бескаматни или субвенционирани кредити, укажа Фајнанс тинк.
Особено е важно, потенцираа, да не дојде до откажување на договорот за вработување, што е клучно за побрз излез од економската криза и брзо повторно воспоставување на производството и подигање на побарувачката веднаш по завршувањето на здравствената криза. Клучната предлог-мерка што циркулира во јавноста, за исплата на минимална плата во нето-износ од страна на државата, а даночните трошоци ги исплаќа работодавачот, е во оваа насока.
И покрај фокусот врз заштита на работните места, предупредува Фајнанс тинк, економијата ќе се соочи со отпуштања. За спроведување на предлог-мерката со која се зајакнува можноста за стекнување надомест во случај на невработеност, препорачуваат, неопходна е измена на Законот за осигурување во случај на невработеност. Со тоа ќе се овозможи секое лице кое ќе изгуби работа поради коронакризата да може да се стекне со право на паричен надомест во времетраење од најмалку шест или девет месеци.
Првиот сет мерки за помош на стопанството, меѓу кои и бескаматните кредити за фирмите за кои може да се аплицира од денеска преку Развојната банка, како што објави Владата, се во насока на одржување на ликвидноста и задржување на работните места.
МИА