Чартер летот од Малта до Скопје чини 25.000 евра – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/20 4:16 PM

Чартер летот од Малта до Скопје чини 25.000 евра

Генералниот секретаријат на Владата утре (петок,27.03.2020) во 11 часот организира авио превоз за македонските државјани, кои се наоѓаат во Малта. До секој од пријавените, доставени се неопходните документи, каде стои дека вкупната цена на чартер летот, што го организираат со компанијата Визер, изнесува 25.000 евра во денарска противредност, а поединечната цена која секој од патниците ќе треба да ја плати се определува на начин што вкупната цена на чартер летот се дели со бројот на патници сместен во авионот, стои во договорот што го потпишуваат патниците.
Засега, бројот на патници од Малта за Скопје е 148. Од македонскиот конзултат во Рим, до нашите државјани, кои сакаат да си дојдат дома, е испратена информација дека цената на авионскиот билет од Малта до Скопје е 170 евра по патник. Неизвесно е дали ќе расте цената по патник, доколку се откажат дел од пријавените. Меѓутоа, ако се суди според договорот, секое намалување на бројот на патниците, солидарно би се поделил меѓу тие што ќе долетаат во Скопје.
Дадени им се инструкции дека треба да носат маски и ракавици и дека според потпишаната изјава, по слетувањето, заминуваат во 15-дневна изолација. Парите за авио билетот, треба да ги уплатат во рок од 15 дена по пристигнувањата.
Вакви летови Владата најави и на дестинациите: Берлин – Скопје (377 патници), Бон – Скопје (355 патници) и Минхен – Скопје (183 патници).