Спасовски: Нашата перспектива е ЕУ и одовде враќање назад нема – ММС
ММС

Објавено на: 03/24/20 3:34 PM

Спасовски: Нашата перспектива е ЕУ и одовде враќање назад нема

Во исклучително тежок момент за нашата држава, за Европа и светот, денес од Брисел ни пристигна убава и долгоочекувана вест – Република Северна Македонија, ги започнува преговорите за членство во Европската Унија, истакна на пресконференција, премиерот Оливер Спасовски.

– Стигна верификацијата за успехот на нашите напори, за истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите институции, собранието, владата, судството – да ги спроведат реформите што ги поставивме како наша цел уште во 2017 година, рече Спасовски.

Според Спасовски, денешното признание за подвигот на нашата држава е резултат на тешките политички одлуки кои ги донесе владата и владеачкото мнозинство во собранието.

– Без договорот од Преспа и без договорот за добрососедство со Бугарија, немаше да биде овозможен овој денешен успех, кој е крај на нашето чекање од 15 години, откако го добивме кандидатскиот статус за членство во ЕУ, рече Спасовски.

Тој истакна дека нашата перспектива е во ЕУ и ова е победа на која треба да се радуваат сите политички партии, етнички заедници и општествени субјекти.