ЕУ денеска формално одлучува за почетокот на преговорите со земјава – ММС
ММС

Објавено на: 03/24/20 7:57 AM

ЕУ денеска формално одлучува за почетокот на преговорите со земјава

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска преку видеоконференција треба да ги одобрат заклучоците финализирани на амбасадорско ниво со кои се дава зелено светло за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Поради состојбата со пандемијата на коронавирусот, министрите нема да отпатуваат во Брисел денеска, туку ќе се состанат преку видеоконференција, што ги усложнува процедурите, но според сите дипломати кои ги консултираше МИА, не се очекува промена на одлуката усогласена на амбасадорско ниво.

Како што објави МИА вчера, сите 27 земји членки, по макотрпни преговори, се согласиле дека предложената обновена методологија на Европската Комисија за пристапните преговори е задоволувачка и дека реформскиот прогрес на Северна Македонија е доволен за да се отворат преговорите за членство во Европската Унија.

Првата меѓувладина конференција треба да се одржи “што е можно побргу”, стои во нацрт заклучоците на земјите членки.

Меѓувладината конференција го означува формалното отворање на поглавјата, а претходно Европската Комисија треба да изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од страна на земјите членки.

Со оглед на неизвесноста поради коронавирусот, никој не се осмелува да лицитира со датуми за сега.

Северна Македонија исто така ќе треба да ја подготви својата преговарачка позиција во пресрет на стартот на овој процес.

Заклучоците предвидуваат отворање на преговорите и со Албанија, но за оваа земја се додадени низа услови за отворање на првата меѓувладина конференција.

Дипломатите во Брисел објаснуваат дека оваа разлика се должи на ставовите на земјите членки.

Не се очекуваат лоши изненадувања во однос на усвојувањето на заклучоците денеска, иако поради октомвриското разочарување сите дипломати остануваат внимателни. Преговорите помеѓу земјите членки се финализирани на амбасадорско ниво, затоа што министрите одбиваат да преговараат преку видеоконференција.

Дипломат од земја членка на ЕУ објаснува дека амбасадорите добиле јасни инструкции од своите министри и влади во текот на преговорите што се водеа во Брисел изминатата година, така што не се очекуваат изненадувања во текот на денешниот ден. Амбасадорите се единствените кои сѐ уште се сретнуваат физички во ЕУ, министрите и лидерите веќе неколку недели одржуваат исклучиво видео состаноци.

Откако ќе се усвои одлуката се отвора писмена процедура за нејзино формално одобрување од страна на сите земји членки, со што одлуката стапува на сила. Овој процес може да трае најдоцна до крајот на неделата, кога се одржува и самитот на лидерите на ЕУ, кои пак ќе дадат и политичка согласност.

Минатата недела вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави дека постигнат е консензус во ЕУ за одлука за почнување преговори со Република Северна Македонија – безусловна и со барање за одржување на првата меѓувладина конференција веднаш по одобрување на преговарачкaта рамка. Позитивната вест од Брисел, како што кажа Османи, доаѓа по средбата на постојаните претставнци на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР) на која било разговарано и за проширувањето.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров пак, рече дека има големи изгледи и позитивни сигнали од огромно мнозинство на земјите членки од ЕУ за одлука за преговори, меѓутоа дебатата не е до крај завршена, а КОРЕПЕР не е тело кое носи политички одлуки .

-После искуствата од 2018 и 2019 година должни сме кон народот да бидеме внимателни и да чекаме да се заврши целосно работата пред да ги упатиме честитките. Изгледна е многу ситуцијата но не е до крај завршена работата во овој процес, рече Димитров и додаде дека ЕУ ќе згреши многу ако прати сигнал дека е толку оптеретена со здравствената криза што не може ништо друго да прави.

МИА