Од завчера забранета е посетата на женскиот манастир „Св. Георги Победоносец“ во селото Рајчица, во непосредна близина на Дебар. Во него во 30 дневен карантин се десетината сестри, а како што велат, овој период на изолација со нив ќе бидат и нивни гостинки, лица вработени од овој и од Бигорскиот манастир, кои се нашле тука во момент кога настапи изолацијата. Сестра Ефимија вели дека сите засега сите се чувствуваат добро и дека богослужбите во ова великопосно време непречено се одвиваат.
Сестра Ефимија
-Сите 10 сестри во манастирот сме добри, нашето здравје е во стабилна состојба. Се уште не сме се тестирале, но доколку кај некоја од нас се јават симптоми, секако дека тоа ќе го сториме. Фала му на Бога, сега за сега снабдени сме со храна и се што ни е неопходно за да го поминеме овие триесетина дена во изолација. Мерката карантин ги затекна и две наши гостинки, па и тие ќе останат тука додека трае овој период. Со нас е и едно лице вработено како обезбедување во манастирот, како и јеромонахот Кирил од Бигорската Свештен Обител. Па така богослужбениот живот непречено си тече, го ползуваме ова великопосно време да ги умножиме молитвите за Бог да го избави не само нашиот народ, туку и сиот свет од ова големо искушение, вели сестра Ефимија.
Во манастирот во Рајчица веќе неколку години се изведуваат градежни работи, па поради оваа ситуација малку ќе се паузира со обновата. Најважно во овој момент е, вели таа, да се молиме на Бога за сите.
-Нашиот Старец , архимандрит Партениј, во официјалното манастирско соопштение апелираше до граѓаните дека: „Создадени сме за заедница и живеејќи во неа , сите ние носиме одговорност и за нашите ближни, за луѓето во непосредна близина до нас, но и за оние кои се физички далеку од нас. Всушност, само пожртвуваната грижа за другите претставува акт на христијанска љубов„. Во овој контекст ќе кажам дека мора да сме дисциплинирани кон мерките на Владата и Министерството за здравство, но и со чиста совест пред Бога, вели таа.
Манастирот е затворен за посета, сега за сега додека трае изолацијата, но доколку со нив се биде во ред, а некому му е потребна помош тие стојат на располагање.
-Манастирот во Рајчица е целосно затворен за посети, а додека, пак, на барањето помош би потенцирала дека согласно владините мерки, во Дебар и Жупа функционира и линија за помош околу снабдувањето со храна и лекови по домовите а која е под раководство на Центарот за управување со кризи при општината. Меѓутоа доколку се јави потреба со Божја помош и со благослов на нашиот Старец и ние стоиме на располагање, додава сестра Ефимија.
Весна миленковска