Поранешниот градоначалник на Велес и претседателот на Советот осудени на условна казна – ММС
ММС

Објавено на: 03/16/20 3:22 PM

Поранешниот градоначалник на Велес и претседателот на Советот осудени на условна казна

Основен суд Велес ги прогласи за виновни и со шест месечни условни затворски казни  ги осуди обвинетите екс градоначалник на Велес Славчо Чадиев и поранешниот претседател на Советот на Општината Александар Колев, за кривичното дело   „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Ако тие не го повторат делото кое им се става на товар, во наредните две години, Чадиев и Колев треба на општината да и надоместат штета од по 85.299 денари и да ги подмират трошоците на судот и на Јавното обвинителство, поврзани со водењето на судската постапка.  Доколку не ги платат надоместоците и отштетата условна затворската казна ќе стане активна.

Инаку ,според подигнатиот обвинителен акт во периодот од 23 февруари 2014 година до 9 август 2016 година,  екс градоначалникот Славчо Чадиев усно дозволил на тогашниот претседавач на Советот Александар Колев во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето. Колев во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри или во вредност од 170.598,00 денари, за што била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес.

Осудените Чадиев и Колев имаат право на жалба пред повисок суд.

Основен суд Велес пресудата денеска ја донесе во отсуство на обвинетите и нивниот правен застапник. На соопштувањето на пресудата присутен беше Јавен обвинител и медиуми.