Без најава, компанијата „Виз ер“ ги октажа летовите од Малта кон Македонија, по што десетици Македонци, кои биле на туристичко патување во Малта, не можат да се вратат во дома. Летот беше планиран за вечер, меѓутоа, со „Виз ер“ може да се отпатува само до Унгарија, матичната земја на авиокомпанијата. Aеродромските служби на македонските патници, како алтернатива, им нудат патување преку други дестинации, во други денови и преку земји во кои трендот на епидемијата и ризикот е повисок и од Малта и од Македонија.
Македонците, кои со ограничени финансии за викенд престојувале во хотел во Малта, за помош се обратиле во конзулатите и амбасадите на двете земји, од каде што биле упатени во Министерството за надворешни работи.
Од таму телефонски им рекле дека се “ненадлежни и немоќни” да советуваат, понудат или обезбедат алтернативи за нивно враќање.
Од контактот со еден од патниците, ни беше кажано дека нема нова информација, туку биле упатувани да најдат соодветен лет и сами да го организираат патувањето.
Прашан за состојбата со оваа група Македонци во Малта, техничкиот премиер Оливер Спасовски, одговори дека “морало да се почитуваат мерките и правилата во Малта”.
Заглавените патници во моментов не се во никаков ризик, но стравуваат дека со нивното останување во Малта, или со понудените алтернативни дестинации за враќање, непотребно би се изложиле на поголем можен здравствен ризик.
Во меѓувреме, МНР излезе со соопштение.
Во рамките на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија е формирано координативно тело за помош и поддршка на своите државјани кои се наоѓаат затекнати на граничните премини на други држави и аеродроми, поради новонастанатата ситуација поврзана со корона вирусот (COVID-19).
Ги замолуваме сите македонски граѓани во вакви ситуации информациите да ги доставуваат преку следните канали на комуникација:
+389 75 273 732 (редовна линија, Viber и WhatsApp)
+389 75 446 647 (редовна линија)
+389 70 282 078 (редовна линија, Viber и WhatsApp)
Електронска пошта: globalsos@mfa.gov.mk
Уште еднаш, апелираме, врз основа на официјалните мерки и препораки, сите државјани кои живеат или престојуваат во земјите со висок и среден ризик да го одложат доаѓањето во Северна Македонија во овој период, стои во соопштението од МНР.