Фреквенцијата на патници и возила кои минуваат низ граничниот премин Република Северна Македонија- Република Бугарија кај Крива Паланка, Деве Баир е намалена, а граничните службеници ги враќаат назад патниците кои доаѓаат од високоризичните земји.
Од Полициската станица за гранична проверка и граничен надзор Регионален центар Исток кај Деве Баир, информираат дека сите патници кои доаѓаат на преминот од Република Бугарија, а пристигнуваат од високоризичните држави не се пропуштаат за влез во државата, односно, се враќаат назад, освен македонските државјани на кои им се укажува дека мора задолжително да бидат во четиринаесетдневна самоизолација.
Оттаму посочуваат дека на организираните групи кои патуваат кон ризичните земји исто така не им се дозволува да излезат од државните граници.
Согласно препораките на сите патници кои влегуваат во државата им се прави анкетирање за нивното патување и се врши проверка за Ковид-19.
На официјалната веб-страница на Општина Крива Паланка стои соопштение во кое се информираат граѓаните дека Република Србија ги затвори граничните премини Прохор Пчињски и преминот кој припаѓа на територија на општина Крива Паланка, Голеш- Голема Црцорија.
–Се известуваат граѓаните да не патуваат кон Република Србија преку граничните премини Голеш- Голема Црцорија и Прохор Пчињски, бидејќи тие привремено се затворени од страна на Р. Србија. Оваа мерка е преземена поради појавата на коронавирусот и опасноста од неговото ширење, се наведува во соопштението.
МИА