Дали коронавирусот ќе исчезне веднаш штом ќе затопли времето, или барем ширењето на вирусот значително ќе забави, не знаат дури ни светските и домашните научници, пишува „Вечерњи лист“.
Покрај тоа, повеќето од нив истакнуваат дека се надеваат дека со доаѓањето на пролетта вирусот ќе почне да дејствува како сезонски грип, но никој не дава децидни изјави дека тоа всушност ќе се случи, наведува весникот.
Тие потсетуваат дека во африканската држава Буркина Фасо, каде што температурата е 36 Целзиусови степени, е заразена брачна двојка која неодамна се вратила од Франција, а случаи на инфекција се пријавени во Конго, Нигерија, Камерун, Сенегал, Того, со температури на воздухот до 34 степени.
Австралија со температура од над 20 Целзиусови степени има 127 заразени, Бахреин во југозападна Азија има 112 заразени, а во моментот има температура на воздухот од 24 степени. Затоа, не е изненадувачки што ретките научни студии не се согласуваат дали потоплото време ќе влијае на исчезнувањето на коронавирусот, за кој сè уште не се знае доволно.
Според кинеската студија на универзитетот „Сун Јат-сен“, која допрва треба да помине рецензија, одредена температура му годи на ширењето на коронавирусот, објави South China Morning Post.
И Мајк Рајан, шеф на одделот за итни случаи во Светската здравствена организација, рече дека јавноста не треба премногу да се надева дека епидемијата ќе исчезне автоматски со доаѓањето на летото, пренесува „Вечерњи лист“.
Извор: denar.mk