Стечај и ликвидација на сметка на малите, а бизнис интереси за големите акционери – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/20 8:02 PM

Стечај и ликвидација на сметка на малите, а бизнис интереси за големите акционери

Заштита на правата на малцинските акционери од злоупотреба на мнозинските, во праксата на корпоративното управување во Македонија остана една од најсериозните слабости, што е нотирано и од меѓународните организации. Евидентни се случаи на акционерски друштва кои завршуваат со децениски стечај како резултат на потезите на големите акционери, на штета на малите. Сето тоа се препишува на личен бизнис интерес, поткрепено преку сомнителен начин, со примеси на корупција, преку злоупотреба на институциите. Кога се работи за компании во малите средини, последиците ги чувствуваат сите, кога пропаста на фирмата е пропаст за целиот град.

Акциеонерско друштво Порцеланка

Бројни се судските спорови, преку кои малите акционери се обидуваат да докажат дека мнозинските акцинери насилно и на сомнителен и коруптивен начин ги преземаат компаниите. Овие судски спорови некогаш завршуваат со ликвидација, додека за други голготата трае со години. Бројни се примерите, а Велес е градот чии жители најмногу почувствуваа што значи моќта на моќните акционери. Тоа се некогашните двигатели на развојот на градот Велес, како „АД Порцеланка“, „Свилара“, „Агрокомбинат Лозар“, „Топилница“, „Транс Велес“, „Бетон“ и други позначајни рентабилни стопанства, за чија судбина пресудија големите акционери, на сметка на малите. При тоа, расплетот го оставија во рацете на судиите. Овие некогашни гиганти, денеска се само споменици на акционерството во пропаѓање.

Леонардо Питиќев, некогашен сопственик на велешка „Порцеланка“ и тогашниот управител Никола Цветковски добија затворска каза за злоупотреба на службената должност, бидејќи ненаменски ги потрошиле парите во висина од 70,5 милиони денари, кои Владата ги префрлила на „Порцеланка“. Наместо за спас на оваа команија, биле искористени за подмирување на други обврски, а не за обврските прифатени во договорот. Според  обвинението  дел од  парите кои Владата во висина од  108,2 милиони денари во два наврати ги префрлила на „Порцеланка“, за подмирување на обврските кон доверителите и работниците, биле префрлени  на сметката на ,,Ексклузива“,. За ова бил потпишан договор за  деловно -техничка соработка помеѓу „Порцеланка“ и „Екслузива“.  Парите што „Порцеланка“ во висина од 70,5 милиони денари ги префрлила на „Екслузива“, потоа завршиле за исплатана членови на УО, за фирма во Виена блиска на Питиќев. Таму некаде помеѓу се се појавува тогашната фирмата „Кометал Трејд“ во сопственост на Трифун Костовски, која била заинтересирана да ја купи „Порцеланка“ но се откажува поради засега не разјаснети причини.

Согласно судската пресуда во Основниот суд Скопје 2, претпријатието „Порцеланка АД“, коe се јавува како доминатен сопственик на капитал, видно од релевантните докази прифатени и од Управниот суд во 2009 година, Пресуда на Апелационен суд Скопје ТСЖ. Бр. 1642/09 од 2009 година и Пресуда на Врховен суд на Република Северна Македонија Рев 1 бр. 1525/2010 од 2011 година, договор за продажба на акциите во „Порцеланка АД“ – Велес, кои претставувале 63,61 % од вкупниот капитал, склучен помеѓу Владата на РСМ претставувана од Министерството за економија и Агенцијата за приватизација на РСМ како продавач и „Ексклузива“ ГМБХ Виена, Австрија како купувач бил раскинат со допис на продавачот бр.02-2997/1  во 2013 година, поради не плаќање на цената и не исполнување на другите обврски од договорот, што упатува на заклучок дека „Порцеланка АД“ – Велес, во времето на престанокот на работниот однос на тужителот 03.11.2003 година, била во доминатна државна сопственост.

Ѕвонко Самарџие во Велес, поранешен вработен на работна позиција квалификуван керамичар во акционерското друштво „Порцеланка“, е еден од многуте оштетени мали акционери и поборник за правата на акционерите, низ призмата за локалната компанија, која беше важна алка во целокупната економија раскажува низ каква голгота помининал изминатите години, кога во 2000-та година „Порцеланка“ заминува во стечај.

Ѕвонко Самарџиев, стечаец – акционер во „Порцеланка АД“


„Договор помеѓу тогашниот премиер и господинот сопственик на „Кометал“, кои се договориле да го решат проблемот со „Порцеланка“,тогашен еден од петте најголеми загубари, да ја купи. Се отвори стечајна постапка да се откажеме од некои обврски од некои права во однос на побарувањата затоа што „Порцеланка“ имаше побарувања, зборувам за работниците, стечајците, некаде не полни пет милиони марки во тоа време. Ние тогаш моравме да прифативме програма на „Кометал“ во која нашите побарувања мораа да се претворат во акции, а не да се исплата во пари. Односно беа условени да ја прифатат програмата на „Кометал“ за да ја купи „Порцеланка“. Во тој период „Порцеланка“ имаше околу 15  милиони побарување на залиха во стока, 10 милиони пласирана стока на пазар и уште во вредност од  5 до 6 милиони во фабричките магацини. Во тој период кога „Кометал“ на Собрание на доверители прифати да биде така, интересно е што програмата на Собрание на доверители не се изгласа. Не изгласувањето на програмата, не овозможи првиот човек на „Кометал“,  да влезе во фабриката и да го превземе управувањето. И ден денесак,  по 20 години, мене не ми е јасно зошто ? Потоа со тек на време почнаа да се отвараат, сликите, мозаикот и се виде дека огромен број на нечесни работи имаше и да не речам грубо, грабеж на имотот на „Порцеланка“
“, раскажува Самарџиев, кој вели дека работниците останале на цедило и без никаква заштита од никого.

„Во пресудата од Основниот суд во Велес, како првостепен паричен суд во правната работа  на тужителите и другите, против тужениот „Порцеланка АД“ за исплата на плати и придонеси, спор  во вредност  од 862.968 денари по одржаната усна, јавна и главна расправа во присуство на тужителиите на ден 30.09.1999 година донесува пресудата врз основа на признание. Тужбеното барање на тужителите било усвоено, а  тужениот „Порцеланка АД“ се задолжува од денес  10 ти ноември 1999 година на име не исплатени  плати за период од 5 ти месец 1995 година па заклучно со 12 месец 1996 година да им исплати на тужителите, заедно со камати“, стои во судската пресуда на Основниот суд во Велес.

Штом побарувањата на доверителите биле  претворени во акции, што и кога требало  да се исплатат, „Кометал“ се повлеков, раскажува Самарџиев.

„Всушност тоа било една обична игра, манипулација затоа што ПИОМ и Фондот за здравство никогаш не биле со намера да ги продаваат акциите, со што би се дошло до 51%. Господата од „Кометал“ ја напуштија фабриката, во јуни или јули 2001 година и ја оствија „Порцеланка“ на цедило, без раководство, без ништо. Но бидејќи тоа беше добро уиграна екипа, нас стечајците, едноставно немавме кој да не поддржи, тие си ја завршија својата работа, а ние останавме на улица. Не добивме и до ден денеска, отпремнина. На 1020 стечајни работници им дадоа отпремнина, на останатите иако добивме отказ, па потоа повторно вработување, пак не ни ги дадоа отпремнините. До ден денеска ние си ги бараме, немаме одговори на тие прашања каде се отпремнините за вкупно 650 вработени, вели Самарџиев.

Случајот „Порцеланка“ долго време ги брануваше  судските страсти. Обвинението за овој случај беше подигнато на 17 номеври 2005-та година, предметот го работеа двајца судии, а  еден адвокат во два наврати беше казнет со 500 и со 700 евра,парична казна поради не почитување на судот.  

Што имаат заедничко „Порцеланка“ и „ТЕ ТО“?!

Случаите со пропаѓањето на акционерските друштва кои важеа за едни од движечката сила на економијата, каде корупцијата и криминалот тивко работеа на сметка на малите акционери,  се уште демне. Добрите општествени компании кои имаа капитал и истиот беше пренаменува од  акционерскте друштва во приватни компании,  беше добра практика за влез во стечај.

„Топлификација АД“

И двете компании добиваат помош од државата, во првиот случај  финансиските средства се користат за личен интерес и случај за кој има пресуда со затворска казна, а во вториот државата дава помош на компанија која е должник на самата држава, во случајов централата „ТЕ ТО“ за чии сомневања на работењето алармира и Упаравата за финансиска полиција до Обвинителството, а сето тоа на шетата на акционерите. Заедничката точка на ове две компании е корупцијата, која исто така се среќава и во редовите на стечајните работници и судиите.

Последен пример е судската борба помеѓу „Топлифиација АД“ и акционерското друштво „ТЕ ТО“. „Толификација АД“  до 2012 година беше носител на лиценци за вршење на регулаторните дејности од јавен итерес, производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Откако лиценцата на Топлификација на пазарот со топлинска енергија престанува со важност и по објавениот јавен повик за нов регулиран производител на топлинска енергија во Скопје, од страна на Регулаторната комисија за енергетика, „Топлификација“ ги дава под закуп основните средстава неопходни за вршеше на производство на топлина со новиот носител на лиценца Производство на топлина, „Балкан енерџи Груп“.

Зад компанијата „Битер Холдинг Лимитед“ стои Леонид Лебедов руски олигарх од Русија, кој воедно е и државјанин на Кипар каде ја поседува и оваа компанија. Сопственик е и на „Балкан Енерџи Груп“ и еден од сопствениците на комбинираната гасна електрана „ТЕ ТО“, која е основана во партнерство со „Топлификација“.

„ТЕ ТО АД“ е акционерско друштво основано во 2005 година. Како независен производител на енергија го снабдува со електрична енергија пазарот во Република Северна Македонија и во регионалниот, но учествува и на меѓународни пазари. Топлината која се генерира во рамките на производниот процес на постројката се предава на градскиот топлински дистрибутивен систем.  Планот за реализација на проектот ТЕ-ТО, беше поттикнат од недостатокот на електрична енергија во Република Северна Македонија.

„Топлификација“ е акционер во Друштвотто за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ ТО АД Скопје“ која поседува 27 акции или 10,8% од вкупниот број на акциите.

Ивица Стојановски, акционер во „Топлификација АД“

Поборничките права кои веќе траат 8 години на акционерите во „Топлификација“ започнуваат во 2013 година со формирање на Здружение за заштита на правата на акционерите. По судски пат „Топлификација“ и објавува војна на „ТЕ ТО АД Скопје“ поради неплаќање на долг врз основа на вложување  од  22 милиони евра. Ова се средства кои “Топлификација“ ги вложи како ко -инветситор во компанијата за производство на топлинска и елекрична енергија. Во овој спор на Врховен суд „Топлификација“ добива во нејзина корист.

Тогаш мислејќи дека сите проблеми и маки ни се завршени, дека ситуацијата ќе се разреши, се случува оној фамозен лажен стечај. Фирмата „ТЕ ТО“ си отвара стечај самата на себе.  Во тој стечај поднесува план за реорганизација. Со планот има една активност, а таа активност е отписот на останатите доверители од 90%, а останатите 10% да ги земат по 10 до 11 години. Тоа е конструкција направена да се уништи „Топлификација“ како прв акционер во „ТЕ ТО“, а вториот акционер е „Битер Холдинг Лимитет“.  Тоа е оф шор компанија која не надгласува во  планот за реорганизација и конструкцијата станува возможна. Побарувањето  што го имаат „Битер Холдинг Лимитет“ од  „ТЕ ТО“ кој што се досепава по 10 години, тие со анекс договор, кој што никој не го видел, во ниту еден ревизорски извештај досега го доспеваат за 7 дена, така не надгласуваат и се прави планот за отпис на доберители од 90%“, вели Ивица Стојановски претседател на Здружението за заштита на правата на акционерите од „Топлификација“.

„Во образложението на пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје со бр. 194/13 од 25.12.2015 година судот го усвои тужбеното барање на тужителот Друштво за производтсво и дистрибуција на топлинска енергија „Топлификација АД“ – СКопје, и го задолжи тужениот Друштво за производство на електрична и топлинска енергија  „ТЕ ТО АД“ – Скопје да му исплати долг врз основа на склучени договори за заем во вкупен износ од 383.623.254 денари со камата како во изреката на пресудата“, стои во судската пресуда.

Со поголем интензитет  на борба малите акционери вкупно 2.700 на број  на „Топлификација“ започнуваат во период кога на 160 -та владина седница одржана во ноември минатата година, се одлучува Владата да му додели државна помош на Друштвото на електрична и топлинска енергија „ТЕ -ТО“, која во меѓувреме фигурира како должник на листата должници во Управата за јавни приходи, но и по кривичната пријава од Управата за финансиска полиција.

Во овој момент се вклучува и алармот кај Државната комисија за спречување корупција, која беше пофалена во извештајот на Европската Комисија испратен на 29 ти мај 2019 година каде стои дека Република Северна Македонија во однос на борбата против корупцијата, постигна одреден степен на подготвеност. Добар напредок е постигнат преку понатамошно консолидирање на евиденција за истраги, гонења и обиди за решавање предмети на корупција на високо ниво, како и преку промени во законодавната рамка. Во таа смисла, новата правна рамка за спречување корупција е подобрена и именувањето на новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата е далеку потранспарентна отколку во претходните години.

Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување корупција

Од Антикорупциска информираат дека поднесено е претставка од страна на акционерите на „Топлификација“  и предметот се уште е во постапка на обработка и се работи на него.

„Бидејќи се работи за комплексен предмет ние остваруваме комуникации со сите надлежни органи кои што биле вклучени во процесот, кога ќе завршиме со целата постапка и кога ќе имаме јасно издефинирани ставови ќе излеземе во јавност и ќе го соопштиме нашиот став“, вели претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска.

Стојановски вели дека побарале одговор и од Владата за државната помош за „ТЕ ТО“, од каде добиле одговор дека доколку финансиски не помогнат ќе нема греење на територија на Град Скопје.

„Морале да им дадат државна помош затоа што ќе паднел планот за реорганизација, замислете план за реорганизација кој што е криминален, не за тоа што јас го викам криминален, туку нивна институција која што е најмеродавна за криминал тоа е Управата за финансиска полиција на 21 јуни јавно на прес објавува дека поднесува кривична пријава за целиот овој случај за лажен стечај и перење на пари во „ТЕ ТО“ до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Тој случај во обвинителставата се шеташе едно 6 до 7 пати и конечно Русковска објави на 30 јули дека поради не доволно докази за перење на пари, го дели случајот на два дела, односно лажниот стечај го враќа во ОЈО а перењето на пари го остава кај неа на мирување со тоа што Управата за финансиска полиција ќе обезбеди доволно докази таа поново ќе го покрене“, вели Стојановски.

Одговори побаравме и од Владата на Република Македонија меѓутоа до емитување на прилогот, не добивме никаков став или пак демант на прашањата поврзани со државната помош доделени на „ТЕ ТО“.

Основно јавно обвнителство – Скопје

Од Основното јавно обвинителство во рок од два дена од нивниот првичен одговор дека не е оформен предмет за доделените државни пари од Владата за „ТЕ ТО“, работите се променија од Обвинителство информираат дека сепак постои предмет во ОЈО и предметот е во пред истражна постапка. Додека истрагата за лажниот стечај на „ТЕ ТО“ поднесена од Управата за финансиска полиција, од обвинителството велат  судот издаде наредба за обезбедување податоци од страна на Управата за финансиска полиција. По наредбата се постапува. Во меѓувреме, се прибираат вербални искази, а јавниот обвинител се обрати и до повеќе институции за да обезбеди докази со кои ќе ја утврди фактичката состојба. Предметот е во фаза на предистражна постапка, стои во писмениот одговор на Обвинителството.

Штетите од секогаш се препишувале на сметка на малцинските акционери,  и во процесот на префрлање на општествениот капитал преку акционерството на сметка на вработените беше во корист на мал број на акционери, директори и менаџери на компаниите, вели Љубица Рубен  која подолг временски период ги следи проблематиките на корпоративното управување.

Љубица Рубен

„Малите акционери уште тогаш беа заглавени бидејќи лесно беа уценувани да ги поклонуваат акциите на менаџерите и на тој начин да ги здржат на работа, затоа што малцинските акционери во тој момент кога фактички станаа акционери, без нивно знаење и без нивна волја, затоа што нив ги интересираше вработувањето и ги интересираше платата. Немаа никаква информација околку акционерството и фактички нив ги направија акционери само затоа што им беше потребно на големите менаџери бидејќи тие немаа свој капитал личен за да се откупат акциите од компаниите и затоа отидоа фактички со одземање на платата на вработените и на тој начин им даваа акции. Бидејќи не постоеше Македонска берза за продавање и трансфер на акциите, тогаш постоеа само некои книги кои се препишуваа и пишуваа и тогаш голем број од акционерите останаа без акции, односно тие беа пренесени на мнозинските, пренесени на менаџерите и некоја мала група околу нив. Тука и обвинителството кога имаше измами, на криминален начин на преземање на акционерскиот капитал, со притисок да им го подарат и итн. сите тоа со затворени очи го гледаа и наоѓаа начини да образложат како тоа не е во интерес на државата, тоа граѓански спор помеѓу акционерите, акционерското друштво и менаџерите, тука демек нив не ги интересира дали има или нема криминал, всушност тоа беше вистина на криминален начин трансформиран општетсвениот капитал во мал број на приватни лица“, вели Рубен.

Рубен вели дека Северна Македонија со развојот на акционерството на реалниот бизнис се наоѓа во лифт заглавен во подрум, и затоа се соочуваме исти проблеми односно се мултиплицираат. За да се променат работите, вели таа потребна е сериозна политичка волја, правната подршка од адвокатурата, професорите, судовите за да може на некој начин да се роди правна држава. На крајот ќе мора да се најде начин како да се излезе од овој лифт што е заглавен во подрум 30 години, потенира Рубен.

Според  Меѓународните прописи, акционерството се смета за најдобара организција за развој на компаниите, каде не е важно колкав број на акции поседуваш, туку важно е компанијата добро да работи и на крајот од денот да има дивиденда.