Фолк пејачот Јордан Митев е еден од ретките на нашата естрада, кој имал храброст за 15 години колку што е на сцената, музички да еволуира. Почна со традиционална музика, но тој имиџ го надмина и со хитовите кои ги редеше низ годиниве го доби епитетот на сериозен музичар и пејач. Песните во различни стилови можеби се чинеа како погрешен чекор, но времето покажа дека фолк музиката треба да излезе од зоната на комфорот и да се модернизира. Јордан 15 години експериментира со својата музика и стаса до епитетот еден од најдобрите, а за публиката, која сите овие години му даваше несебична поддршка подготвува нов албум и два концерти со кои ќе го прослави јубилејот, 15 години песна.
-Сакам да направам два концерти. Еден во Радовиш, бидејки се тргна од тука, од мојот роден крај а еден во Скопје. Е сега Вип Арената е преголем залак и за најдоброит македонски фолк пејач, така да размислувам за МНТ, па ако има потреба може да се случат и повеќе концерти. Поминаа 15 години, од 2005 од мојот почеток. Мислам дека се што можев да направам, тоа што го дозволуваше македонскиот музички пазар и тоа што го слушаат љубителите на фолкот јас го направив. Го направив максимумот. Пробав повеќе стилови, од најтрадиционално до современа музика и современи спотови. Се што можеше да се направи направив и сега ќе видам по прославата на јубилејот кој пат да го продолжам. Дали во традиционалното или нешто друго, вели Јордан.
Почна со 19 години, но кусо време успеја да се наметне и да го бараат Македонците ширум светот. Долго време за него се вели дека е најплатениот фолк пејач во дијаспората. Веќе 15 години го сакаат од Америка до Австралија.
Низ годиниве како еволуирав како човек и како маж, така еволуирав и како пејач
-За овие 15 години созреав и како пејач, и како човек. Почнав од 19 години и замисли како е да почнеш на тие години сам и да си од провинција. Не е лесно. Затоа навистина низ годиниве како еволуирав како човек и како маж, така еволуирав и како пејач. Кога гледам што сум правел пред 10 години смешно ми е. Но, такви биле годините, такво било размислувањето, сум мислел дека така треба и секогаш сум се трудил да бидам оригинален. Да ми рекол некој пред 10 години дека ќе правам песни како што е „Жена за 100 години“, „За тебе“, „Наздрави за љубов, наздрави за среќа“ немало да поверувам. Денес мерило за успешна песна се прегледите а според тие е одлично. А прегледите за фолкери се многу мали. Медиумите многу малку пуштаат фолк музика. Тешко е фолк песна да стане хит за еден месец, потребно е време. Но, сметам дека на фолк сцената треба нешто свежо и нешто да се менува. Нека има примеси на фолк но треба промена и во имиџ и во визуелизација, треба нешто модерно. Времето на аматеризмот е поминато. На нашата сцена недостасува квалитет и сите ние треба да си го признаеме тоа, вели тој.
Јубилејот ќе го слави со концерти во втората половина на годината. До тогаш подготвува албум со старо- нови песни.
-Времето е кратко. Кога ќе наполниш 30 години сваќаш дека ти остануваат уште 15 за да работиш со полна енергија. А потоа се е релативно. Јас навистина размислувам за промени, но оваа година сум посветен повеќе на албумот, кој ќе биде со старо-нови песни. Неколку веќе познати хитови со нови четири песни од кои „Жена за 100 години“ е нова. Песната веќе е пуштена во аудио верзија а пред Велигден ќе биде и спотот. До крајот на годинава ќе биде тоа а по следната ќе видиме во која насока ќе одат работите, вели Јордан.