Немаме мигрантска криза, се’ уште нема никаков мигрантски бран кој доаѓа кон нашата држава, меѓутоа ние сме подготвени, рече денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски во Штип.
„Ние како одговорна влада и власт сме во подготовка. Сабајлево управувачкиот комитет расправаше во врска со оваа состојба. Постојано се координираме со службите за да бидеме подготвени за евентуално зголемување на мигрантскиот бран. Иако според сите информации кои ги добиваме од колегите од регионот и ЕУ, сметаме дека нема да дојде до криза, за нас е многу важно што системот за справување со евентуален мигрантски бран функционира во континуитет“, истакна премиерот Спасовски.
На северната и јужната граница има прогласено кризна состојба а двата транзитни центри кои ги имаме се подготвени.
Спасовски потенцираше дека земјава останува на истата политика, мигрантите можат само да транзитираат низ нашата земја и да бидат присутни до 72 часа.