Хонг Конг – Седум милиони луѓе ќе добијат по 1.280 долари – ММС
ММС

Објавено на: 02/27/20 3:52 PM

Хонг Конг – Седум милиони луѓе ќе добијат по 1.280 долари

Хонг Конг на своите граѓани ќе им подели по 1.280 долари за да ги намали последиците од економската криза.

Азискиот финансиски центар соопшти дека мерката подразбира дека сите жители со седиште во Хонг Конг кои имаат најмалку 18 години ќе добијат околу 1.280 долари (10.000 хонкошки долари).

Околу седум милиони луѓе ќе имаат корист од оваа одлука, пренесува CNN.

Финансискиот секретар Пол Чен изјави дека Хонг Конг за прв пат ќе се соочи со дефицит во буџетот во последните 15 години, поради рецесијата која започна во третиот квартал од 2019 година.

Се очекува ситуацијата да се влоши, а Чен вели дека дефицитот за следната фискална година до март 2021 година ќе достигне рекорд од околу 4,8 проценти од БДП на Хонг Конг.

Додава, дека економијата во Хонг Конг оваа година се соочува со големи предизвици, а дека изгледите се далеку од ветувачки во наредниот период.

За време на презентацијата на буџетот, Чен изјави дека сегашната состојба е под влијание на протестите во Хонг Конг, трговската војна Кина-САД, како и забавувањето на глобалната економија.

Сега, според Чен, економијата исто така се соочува со ширење на коронавирусот, кој и даде тежок удар.

Дел од парите за помош ќе доаѓаат од посебен фонд кој е основан поради влошување на економските услови поради новата епидемија на коронавирус.

Владата, исто така, ќе ги намали даноците на доход за некои жители, што ќе вклучува два милиони даночни обврзници.

Властите, исто така, планираат да им дадат на жителите со ниски приходи месец дена бесплатно живеење кои живеат во згради во јавна сопственост, а ќе обезбедат и еднократна исплата на оние кои не се во приватна сопственост.

Чен додаде дека и покрај влијанието на коронавирусот, кое може да биде поголемо од влијанието на вирусот САРС во 2003 година, економските темели на Хонг Конг остануваат цврсти.

„Економијата на Хонг Конг би требало да се опорави откако епидемијата ќе заврши“, изјави Чен.

Извор: denar.mk