Поранешниот советник за национална безбедност Синиша Алексовски, на денешното рочиште за „Монструм”, рече дека имал усна информација од полицискиот службеник Зоран Трајковски дека има движења на екстремистички групи кои би можеле тие празнични денови да нападнат полициски станици, но дека не му била потврдена.
Алексовски, во сведочењето, рече дека со обвинетите не се познава лично, но дека од полициска евиденција знае за активностите на Фејзи Азири, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Истрагата за случајот, објасни тој, ја воделе заедно и БЈБ и УБК, но секој имал своја одговорност. БЈБ во однос на форензиката и административниот дел, додека УБК за оперативниот дел.
Алексовски рече дека личното обезбедување на Маја Иванова, (поранешната прва дама на Републиката) полицискиот службеник Оливер Наќевски, инаку прв братучед на Горан Наќевски, татко на убиениот Александар Наќевски, бил посредникот за средбата меѓу претседателот Ѓорге Иванов каде присуствувал и тој и семејствата на убиените кај Смилковско Езеро.
– Прва средба се одржа по барања на семејствата на убиените во Кабинетот на претседателот и втората беше неофицијална во домот на Оливер Наќевски. На оваа средба Горан Наќевски, не информираше за средбата со претседателот на СДСМ, каде тој упатил сериозни сомневања за инволвираноста на полициски службеници, вклучувајќи и ме мене дека наводно ми паднал телефон. Тоа е клевета. Тој телефон јас уште го имам дома. Имаше уште една средба каде Горан Наќевски, изрази грижа дека обвинителите ќе бидат заменети, изјави Алексовски.
Тој во еден момент збореше и за времето кога бил командантант на единицата „Алфи”.
– Триесет месеци пред да се случи настанот во возниот парк на единицата ,,Алфи”, имаше возило Опел Вектра, вишна боја. После ноември 2009 година не знам какви возила имаше во единицата, истакна Синиша Алексовски.
На прашање од обвинителката Фатиме Фетаи, дали пред настанот имал некакви информаци за нереди, за напад на полициски станици, сведокот Синиша Алексовски, рече дека немал конкретни информации.
– Конкретно, во писмена форма немавме податок дека ќе се случи кривично-правен настан. Но, пред секој голем верски настан, се преземаа повисоки мерки на безбедност, особено за објектите каде што се собираше поголема група луѓе, а врз база на претходни информации за националистички и екстремистички активности. Имав усна информација со полицискиот службеник Зоран Трајковски дека има движења на екстремистички групи кои би можеле тие празнични денови да нападнат полициски станици. Го прашав дали ова официјално го известил МВР, УБК Куманово и воените структури. Му напомнав дека во овој период на годината секогаш има полуинформации, дека и тие што диво сечат шума наводно биле екстремисти. Му реков само ако ја потврди информацијата, да ми јави. Но, не се случи да ми потврди, изјави Алексовски.
На прашање од адвокатот Насер Рауфи, кој ја водел истрагата за случајот, Алексовски, рече дека истрагата ја воделе заедно и БЈБ и УБК.
– Истрагата за „Монструм” ја водеа заедно и БЈБ и УБК паралелно, но секој имаше своја одговорност. БЈБ во однос на форензиката и административниот дел, додека УБК за оперативниот, рече Алексовски.
За убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смилсковско Езеро на 12 април 2012 година, денеска прв сведочеше поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Поранешните министри Муса Џафери и Блерим Беџети во врска со овој случај ќе сведочат во судот на 10 март.