Асанж денеска пред лондонскиот суд – му се закануваат 175 години затвор – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/20 9:31 AM

Асанж денеска пред лондонскиот суд – му се закануваат 175 години затвор

Претставници на американската влада и основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, денеска ќе се соочат во лондонски суд со присуство на бројно обезбедување.Сослушувањето ќе се одвива една деценија откако Викиликс објави многу тајни воени документи.

Сослушувањето за предавањето ќе почне со изјаснување на адвокатите на САД, кои го сомничат Асанж за шпионажа, за што му се закануваат 175 години затвор, пренесува АП.

Асанж е обвинет по 18 точки поради објавување доверливи документи.Обвинителството на САД го товари за дослух со припадник на воената разузнавачка служба Челси Менинг, кој го хакирал компјутерот на Пентагон и објавил стотици илјади тајни дипломатски и воени документи за војната во Ирак и во Авганистан, со што, наводно, бил доведен во опасност животот на американски државјани.

Новинарските организации и групите за граѓански слободи, меѓу кои и Амнести интернешнел и Репортери без граници, велат дека обвинувањата против Асанж претставуваат преседан за слободата на печатот.

Приврзаниците на Асанж се загрижени за неговото здравје зашто, како што велат, нарушени му се и физичкото и менталното здравје, а страда и од депресија, болести на рамениците и на забите.

Одбраната на Асанж инсистира дека обвинувањата на САД се политички мотивирани, како и дека ќе даде докази дека во август 2017 година администрацијата на Трамп му понудила помилување доколку каже дека Русија не била вмешана во протекувањето на мејловите на Демократскиот национален комитет.

Доколку судот се согласи Асанж да биде предаден, но завршниот збор ќе го има британската влада.