Македонската државјанка која беше во карантин во Франција нема коронавирус и е вратена во државава – ММС
ММС

Објавено на: 02/17/20 2:28 PM

Македонската државјанка која беше во карантин во Франција нема коронавирус и е вратена во државава

Македонската државјанка, која со посредство на амбасадите на Република Северна Македонија во Пекинг и Париз, беше евакуирана од кинескиот град Вухан и помина 14 дена во карантин во Франција се наоѓа во одлична здравствена состојба и поседува соодветен сертификат дека не е инфицирана со коронавирусот. Во координација со амбасадите во Париз и Софија, успешно е спроведена постапката за нејзино враќање во земјава и во моментот се наоѓа во Република Северна Македонија, информираат од Министерството за надворешни работи.

Македонскиот државјанин, кој има коронавирус и е хоспитализиран во болница во Јапонија, посочуваат од МНР, се чувствува добро и е во стабилна здравствена состојба, а Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио е во постојан контакт со него.

Од МНР истакнуваат дека Амбасадата редовно комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои во моментот се наоѓаат во карантин во крузерот „Diamond Princess” во пристаништето во јапонскиот град Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и дека досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот.

МИА