Во светот, особено во Европа, фудбалот речиси секаде е профитабилен спорт, а една од ретките земји во која е далеку од профитабилен е Македонија. Имаме богата Федерација и многу сиромашни клубови. Најдобрите европски клубови само од продадените влезници на еден меч заработуваат колку што е целиот годишен буџет на сите македонски прволигаши заедно. Македонија никогаш на учествувала на едно европско или светско првенство. Публиката ја има, ама во обложувачниците и покрај малите екрани како гледа квалитетен европски фудбал. На нашите стадиони најчесто одвај по неколку стотици гледачи. Младите фудбалери од младинските и пионерските школи плаќаат за да тренираат, па често на терените по топката трчаат неталентирани, но имотни деца, а талентираните гледаат од трибините. Се водат битки на живот и смрт кој да биде на чело на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), партиите и политиката многу често прават „фаули“, во ФФМ често актуелни се финансиски афери, а последната, во која се зборува за проневера од 4,5 милиони евра, ја бранува јавноста од неодамна… Има ли излез, може ли, конечно, македонскиот фудбал да застане на здрави нозе?
На ова се обиде да одговори денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“, која по вторпат одеше во рамките на серијалот „Парадокс“. Гости во студиото беа фудбалските работници Ѓоре Јовановски, Љубомир Ѓурчевски и Драган Томовски, а телефонски се вклучија и Дарко Панчев и потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев. Во рамките на емисијата беше емитувана и истражувачката сторија на Габриела Додевска токму за ваквите состојби, со посебен акцент на се’ уште незавршените реконструкции на фудбалските стадиони во Прилеп, Битола, Тетово и во Штип, чија реализација оди преку проектот “Хет трик“ во партнерство помеѓу УЕФА, ФФМ и локалните самоуправи во четирите општини.
– УЕФА има многу пари и најмногу сака да ги вложува во инфраструктура. На Германија, Шпанија, Италија, Франција и на други богати земји со развиен фудбал такви пари не им требаат многу, па тие пари главно се вложуваат во посиромашни земји како нашата. УЕФА издвои пари за терените и за поставување рефлектори, а сметам дека проблемот за незавршувањето на четирите стадиони е кај локалните самоуправи. Мора да се завршат проектите зашто само така ќе се стекне доверба за пари да се добиваат и во иднина… Што се однесува до финансиската состојба на клубовите, таа е катастрофална. Од реклама многу малку или нула, од тв-права – нула, од публика – нула… Нешто може да се заработи само ако клубот се пласира во европските купови. Фудбалот во цел свет е профитабилен, а излгледа само во Македонија не е – истакна Ѓоре Јовановски.
Главната вина за незавршувањето на стадионите ја гледа кај општините и Љубомир Ѓурчевски, но и тој се задржа и на работењето на ФФМ.
– Буџетот на ФФМ само за годинава е 14,5 милиони евра, од кои 7,5 мииони се врз основа на тв-права. Тоа се добри пари со кои паметно треба да се располага. Но, ни’ се случуваа сомнителни работи. На пример, само соблекувалните во тренинг-центарот „Петар Милошевски“ чинат 1.800.000 евра за 500 квадратни метри. Со злато да ги опремуваа тоа ќе беше скапо – рече Ѓурчевски.
Драган Томовски нагласи дека фудбалот во светот е профитабилен, но кај нас, според него, е неопходно да се изгради соодветна инфраструктура, да се обезбедат стручни тренери и пред се’ квалитетен менаџмент.
– За тоа колку се „богати“ нашите клубови доволно зборува податокот што 89 отсто од нивните буџети одат за покривање на скромните плати на фудбалерите. Но, фудбалот е дел од општеството. Нашиот фудбал, сепак, имаше шанса да отиде понапред од она што се случува во општеството зашто добар дел од средствата доаѓаат однандвор, но… Ни’ треба комплетно нов кадар, луѓе неоптиварени со хипотеки и кои што можат да ги следат сите модерни случувања во светскиот фудбал или барем менаџментот да ископира дел од тие позитивни искуства – истакна Томовски.
Водителот Столе Наумов го праша потпретседателот на ФФМ Лазар Ракиџиев за аферата што се актуелизира деновиве, во која наводно се вмешани десетина луѓе за проневера од 4,5 милиони евра.
– Во интерес на истрагата, не ни’ се дозволува да зборуваме. Ако некој направил криминал, ќе излезе на виделина и ќе си одговара – рече Ракиџиев.