Што се случува кога политичките и бизнис интереси во Штип се главни ,,урбанисти“ – ММС
ММС

Објавено на: 02/12/20 1:54 PM

Што се случува кога политичките и бизнис интереси во Штип се главни ,,урбанисти“

Секоја локална власт остава печат во урбанистичкото уредување на еден град. Едни проекти се завршуваат , некои пренаменуваат, трети остануваат да сведочат како скапи споменици на промашувањата платени со парите на граѓаните. Граѓаните но и стручната фела  во Штип, сметаат дека  урбанистичкото уредување во градот го прават  политичките и бизнис интересите. Тоа што некогаш беа белите дробови на Штип ,познатата локација Суитлак“сега е прошетка зачинета со миризбата што се шири од зоолошката градина но и од ,,езерцето“кое што денес е дом на жаби и комарци. Градоначалникот Благој Бочварски тврди дека нема да дозволи тука изградба на станбени згради и овој простор ќе биде наменет исклучиво за прошетки, спорт и рекреација.

Наместо езерце ,добивме бара полна со жаби, комарци, добивме и зоолошка градина без никакви услови за животните  но добивме и непријатна миризба посебно во летниот период.Тоа што беше отсекогаш и треба да биде засекогаш , бели дробови на градот, Сутлакот, се’ помалку е тоа. Жителите од овој дел на градот реагираат на жабите, на комарците, на немањето паркинг простор, на инсталациите од некои претходни локални власти и сметаат дека нивните  реакциите засега  никој не ги слуша.

,,малото“ езеро од пуштањето

„Тоа што требаше да биде мало уредено езерце, денес претставува нешто што ни малку не доликува на добаро изведен проект . Причина за тоа  е што во лето имаме појава на комарци, жаби и мирис на одстоена вода. Ова т.н езерце треба веднаш да се отстрани и водата во Отиња тука треба да тече, да се движи. Зоолошката градина е друга приказна, без градежна дозвола и без  никакво градежно уредување е правена по желба на некои политичари.Токму поради тоа немаме никаква инфраструктура но има смрдеа која што особено во лето ја чувствуваме , не само ние што живееме тука, туку и сите кои што имаат намера да прошетаат и да уживаат во овој најубав дел од градот“, вели Трајче Митев, граѓански активист и жител во овој дел од градот.

Забелешка на граѓаните е и што одредени проекти за кои што е потребно континуирано одржување  со промената на власта, се  менува и односот кон нив. Тие се жалат дека Ј.П Исар не се грижи за ,,езерото,, и дека тоа во моментов повеќе личи на депонија. Директорот на оваа јавно претпријатие, Живко Тасев  признава дека ,,езерото “е во лоша состојба, дека треба да се исчистени од земјата и од ѓубрето, но целиот изглед се должи и на немањето на вода во реката Отиња но и најави дека со изградбата на браната на реката, ќе се регулира ,т.е среди и овој дел од коритото.

,,Тоа не е езеро, тоа е бара, а бидејќи е сушен период нема ни вода. Планираме да се исчисти еден дел. Кога ќе почне изградбата на браната на реката Отиња , ќе се регулира и тој дел и мислам дека тогаш ќе нема проблем бидејќи ќе има постојан проток  на водата и нема да биде празен овој дел од реката Отиња , за да се собира земја од една страна и жаби и други животни од друга страна “,вели Тасев.

УРБАНИСТИЧКИТЕ ПЛАНОВИ ГИ КРЕИРААТ ПОЛИТИЧКИТЕ И БИЗНИС ИНТЕРЕСИ

,,Урбанизмот  е , и секогаш ќе биде арена во која ќе се судираат најразлични интереси кои можат да бидат политички, економски, социјални или да ги изразуваат личните или јавните преференции. Архитектите-урбанисти имаат улога да понудат решенија што ќе овозможат оптимално да се усогласат тие различни, а не ретко и спротивставени интереси, и да понудат технички издржани, економски оправдани и социјално прифатливи решенија. Степенот на усогласеноста на овие различни интереси во плановите не зависи само од умешноста на архитектите-урбанисти, туку и од начинот на кој функционира целиот систем на урбанистичко планирање, вклучително и механизмите на насочување и контрола на просторниот развој, вели професорот на Архитектонскиот факултет при УКИМ, д-р Влатко Коробар одговарајќи на нашето прашање дали во годините наназад наместо архитектите, урбанистичките планови ги креираат политичките и бизнис интереси.

Очигледни  примери  имаме и  во Штип. Штипската стручната фела од областа на урбанизмот и архитектура ги посочува примерите по периоди  од владеењето на одредени политички гарнитури .

Речиси шест децении во многу политички програми стоеше изградба на брана на реката Отиња, но тоа бргу се напушташе поради најразлични причини, најчесто финансики но и немаљето волја и мо`ност да се истурка еден ваков капитален проект во еден градоначалнички мандат. Помпезно најавуваниот проект за платформи на реката Отиња , застана на столбовите на платформите, за да денес некои други локални гарнитури  заокружија  две од нив. Изградба на нова платформа најавија и од Источно планскиот регион.Таа ќе биде  лоцирана во близина на штипскиот театар. Едно претходно направено идејно решение и веќе заборавено, тука предвидуваше кружна платформа со можност за поставување на летна сцена поради близината со театарот.

За удоволување на одредени политички и бизнис интереси се менуваа и правилници во прилог на промени на ДУП.Така во еден период беа дадени дозволи за изградба на повеќекатници. Дел од нив веќе се изградени или се завршува нивната градба, други под притисок на јавноста не ни започнаа .Висококатници требаше да никнат на  просторот  на кој што се лоцирани времените објекти познати како ,,печурки“. Иако од граѓаните  имаше реакции за повеќекатноста на зградата кај некогашната слаткарница ,,Пролет“, стручната фела вели дека таа ,,никна“ благодарение на промена на правилник , што законски овозможи  висината на објектот  да биде П+9, па оваа висококатница денес  не преставува „порта“ туку вистински  „ѕид“, барем што се однесува до просторното и урбанистичко уредување на овој дел од градот.

Нечии бизнис и политички интереси го загушуваат центарот  но и Суитлакот а Штип од град со најчист воздух, благодарение на  ветрот , сега веќе веќе бележи високи вредности на загадување.

 

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОЧВАРСКИ ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ДА ДОЗВОЛИ ИЗГРАДБА НА СТАНБЕНИ ОБЈЕКТИ ВО СУИТЛАКОТ

Народот вели ,,Каде има чад има и оган“.Во градот се’ погласни се шпекулациите  дека  на местото на поранешниот ресторан ,,Бриони“ во Суитлакот  ќе никне според некои зграда, според други хотел.

Штипскиот градоначалник Благој Бочварски ги демантира овие шпекулации.

„ Не само на почетокот на мандатот туку и до денеска стојам на ставот , во таа зона во Суитлакот нема да има стамбени објекти. Со моето доаѓање на функцијата градоначалник спречив во ГУП кој што беше во изработка да се вцртат станбени згради, тоа е зоната од К’ртеќе кон месноста Суитлак до стадионот.Во таа  зелена зона беше предвидено, според претходната локална власт да биде станбена зона, тоа го спречивме, го вративме да биде зелена зона, спорт и рекреација.Тоа се белите дробови и така треба да биде, со одредени спортски содржини и рекреација за граѓаните. Што се однесува до другиот дел од улицата каде што е Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ и ресторан, поранешен „Бриони“, тоа е сопственост на приватни лица и таму ДУП е донесен во деведесетите години и ние тука немаме никакви измени, “ вели Бочварски.

Од локалата самоуправа-урбанизам велат дека ресторанот се гради според ДУП донесен во 1990 ,кога се градеше Пионерскиот дом, сега Економски факултет. Објетот има подземен дел , ресторански дел и уште еден кат со четири спални соби. Овој простор е предвиден за ресторан и за таа намена е издадена градежната дозвола.

,, Тука нема да се гради  станбена зграда, тоа барање беше одбиено и нема да дозволам таму да се гради нешто што не е според ДУП. Граѓаните можат да бидат мирни затоа што со ние, со инспекциските служи ја следиме градбата и доколку има одредени отстапки ќе реагираме и ќе ја сопреме градбата“, додава Бочварски.

Сепак тоа не значи дека тоа нема да го стори некоја идна нова локална власт, сметаат граѓаните. Токму поради тоа градежниците и архитектите пред се’ тие што се занимаваат со урбанистичко планирање сметаат дека во општината треба да има едно советодавно тело кое што би било составено од луѓе кои се стручни од повеќе области, кои го сакаат својот град и кој ќе работат за својот град без да бидат водени од нечии политички и бизнис интереси.

,, За жал, тоа е поедноставно да се каже, но многу потешко да се спроведе во реалноста, заради неможноста зад непосредниот личен интерес да ја видиме пошироката слика на просторот во кој живееме.Таа состојба ќе остане таква сѐ додека нашите локални самоуправи не досегнат степен на финансиска моќ со која ќе можат за клучни зафати од јавен интерес да вршат вистински соодветна компензација на приватните сопственици, а уште поважно сѐ додека не сфатиме дека урбанистичкото планирање треба да претставува еден партиципативен процес кој е отворен за јавноста од самиот почеток, а не само антиципираат во фазата на јавна презѐентација и јавна анкета, што ќе овозможи задоволување на реални, а не на претпоставени потреби на жителите“,смета професорот Коробар.

Сторијата е дел од проектот ,,Реагирај на вистинското место што го спроведува  „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.