Во Битола се одбележуваат 75 години настава на современ македонски јазик – ММС
ММС

Објавено на: 02/7/20 7:59 AM

Во Битола се одбележуваат 75 години настава на современ македонски јазик

 Битолската Гимназија „Јосип Броз Тито” вечер во овој град со свечена академија ќе ја одбележи 75 годишнината од денот кога за прв пат во едно македонското средно училиште се одржа наставен час на современ македонски јазик.

Средното општинско училиште кое низ историјата, односно од 1945 до 1952 година го носи името на револуционерот Гоце Делчев, една учебна година 1951-1952 се именува како гимназија Никола Карев, а од 1952 година и денес го носи името на  Јосип Броз-Тито, но во градот под Пелистер, сите ја препознаваат и нарекуваат – Горната Гимназија.

Од документи за битолската гимназија може да се прочита дека на првиот наставнички Совет претседавал директорот Орде Печијаре и токму тој објавил дека Гимназијата почнува со редовна настава на македонски јазик.

-Одекна силен аплауз. Потоа претставниците на народната власт ги поздравија присутните и зборуваа за значењето, задачите и улогата на Гимназијата во ослободената татковина. Членовите на штотуку формираниот градски театар заедно со културно уметничка група при гарнизонот изведоа пригодна програма. Тогаш за прв пат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ”, „Бисера”, „Голапче” и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонските народни песни, ги растреперија срцата на присутните, се нагласува во монографија на Гимназијата.

Битолската Гимназија „Јосип Броз-Тито”, денес како средно општинско училиште е сместена во објект со голема историска и архитектонска вредност, заштитен споменик на културата, изграден во 1882 година како приватна куќа на Сали Паша, а во 1892 година работи како Турско Идадие или средно училиште.

Денес, во гимназијата на мермерна плоча изложени се ликовите и имињата на пет народни херои, средношколци кои учеле во гимназијата, односно Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу и Елпида Караманди, а учениците и наставниот кадар истакнуваат дека дел од нивната генерација биле учениците кои подоцна станале академици, тогашните средношколци Петре М. Андреевски, Томе Бошевски, Кирил Миљовски, Фанула Папазоглу, Коле Чашуле, Владо Камбовски, Љубен Лапе, Ѓорги Филиповски, Анте Поповски, Ѓорѓи Чупона, Михаил Петрушевски, Петар Серафимов, Ристо Лозановски, Живко Попов, Димче Коцо, Александар Христов, Георги Константиновски и писателот Владимир Костов, почесен член на МАНУ.

МИА