Реформата на системот за социјалната заштита е нефункционална, особено во делот на интегрирано управување со случаи, што ќе доведе до тоа тој да биде дисфункцинален и остава простор за манипулација пред избори, за што говорат информациите добиени од вработени во Центрите за социјална работа. Спротивно од ова, директорите на центрите едногласно со исти реченици тврдат дека реформата е добра и дека тие се подготвени, што пак укажува дека добиле насоки од кабинетот на дополнителната заменик министерка како да одговорат позитивно во врска со законските измени, тврди министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.
При посетите на Центрите, рече таа на денешната прес-конференција, од непосредна комуникација со вработените добиле сознанија и увиделе дека „состојбата е повеќе од алармантна“. Вработените ги известиле дека обуките не биле извршени во таа насока, односно за спојувања на права и услуги, туку за спојување на посебните категории поединечно.
Поради ова, како што нагласи министерката Мизрахи, од директорите на центрите за социјална работа било побарано да го известат Министерството за нивно мислење, препораки, забелешки и проблеми со кои се соочуваат по однос на законските измени и системот на интегрирано управување со случај, а од нивна страна добиле идентични позитивни одговори за кои, според неа, претходно им биле дадени инструкции од страна на кабинетски службеник на дополнителната заменик министерка.
– Сите директори едногласно одговорија. Малку е симптоматично кога ќе добиете одговори од сите директори на ЦСР во кои буквално има исти реченици. Не можевме да претпоставиме што се случувало во позадина, а од новинарите вчера дознавме дека имало комуникација во која се даваат насоки од кабинетски службеник на дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ како директорите да одговорат, рече министерката за труд и социјална политика.
Докази за притисоците и нефункционалноста на социјалната реформа, според неа, се и пристигнатите петиции од вработени со кои барале промена на новата програма за работа, која според нив била целосно несоодветна за работа со стручната проблематика, што пак ќе резултира со тоа центрите да затаат во функционирањето.
– Овој систем ќе биде дисфункционален баш во периодот на предизборието што остава место да се размислува за манипулација преку МТСП од страна на дополнителната заменик министерка, рече министерката Мизрахи.
Затоа, таа од раководните лица и сите вработени во ЦСР бара, како што рече, да се ослободат од стегите и притисоците кои им ги прави дополнителната заменик министерката, односно власта, и да ги извршуваат работните задачи професионално, да постапуваат согласно законите, а интересите на граѓаните да ги ставаат на прво место.
Мизрахи вели дека е свесна оти овие работи треба да се решаваат во самото Министерство, а не преку медиумите, но, како што рече, таа не нашила на позитивен одговор иако неколкупати подала рака кога дошла во Министерството.
– Направивме неколку состаноци на кои побаравме достоинствено да го износиме товарот во предизборието. Станува збор за само сто дена, период во кој треба да стоиме гордо сите заедно и да покажеме пред граѓаните и меѓународната заедница дека можеме, но тоа не го дочекавме од спротивната страна. Веќе излегуваат докази за опструкција на работата на Министерството, рече министерката.
Во прилог на тврдењата дека директорите на прашањата од Кабинетот на министерката Мизрахи одговориле истоветно на прес-конференција беше приложена нивната мејл-комуникација.
МИА