Сулејман Зекири, пред неколку дена случајно најде 5.000 КМ (2.500 евра) и, иако семејството му е во многу лоша материјална состојба, му ги вратил на сопственикот. Ја одбил и намерата на човекот што ги изгубил парите да го награди за чесноста. А, Сулејман е невработен и 13-членото семејство го издржувал со работа преку лето на ниви и во шуми.
За чесноста на човекот од Хаџиќи, Босна и Херцеговина, напишаа и босанските медиуми, па чесноста потоа на некој начин е наградена од државата. Вчера неговата ќерка Мирсада доби едногодишна стипендија.
„Сакаме да ја поддржиме вашата чесност и борбата за семејството. Верувам дека задржувањето на моралните принципи е патот по кој може да продолжиме понатаму“, рекла потпретседателаката на Федерацијата БиХ, Мелика Махмутбеговиќ, на вчерашниот прием за Сулејман и неговата ќерка.
Сулејман истакнал дека многу му значи што неговиот гест бил препознат и што Федерацијата БиХ ќе го помогне школувањето на неговата ќерка зашто негова најголема желба била децата да му стекнат солидно образование, пишува сараевски „Аваз“.