Чулев: Запалените возила во Штип се предмет на пресметка на две нарко групи – ММС
ММС

Објавено на: 01/30/20 4:52 PM

Чулев: Запалените возила во Штип се предмет на пресметка на две нарко групи

Најголем број од запалените штипски возила, кои ја надминаа бројката од 27, се резултат на криминални пресметки на две групи кои се во организирана трговија со наркотици, изјави министерот Чулев на денешната посета на СВР Штип.

„Ова ни беше посебна тема денеска. Ги охрабрив колегите од секторот да реализираат интензивни активности за превенирањето на оваа појава и откривањето на сторителите. За 12 веќе се има утврдено дека се резултат на намерно палење. До сега е откриен само еден случај“, рече министерот Чулев.

Овие денови следуваат и конкретни кривични пријави за случајот Јавна соба. Министерот кажа дека имаат разговарано со организаторот на групата, со еден од администраторите а по другиот интензивно се трага.

Во врска со случајот со поранешниот началник на СВР Штип, кој е инволвиран во случајот „Чичак“, за криумчарење на мигранти, министерот изјави дека за случајот се дискутира внатрешно во МВР, ќе се дискутира и со ЈО и ќе ги согледаат сите правни можности.

„Против секој припадник на полициските сили кој ќе биде инволвиран во било какво криминално дејствие ќе биде преземена веднаш соодветна активност“, рече министерот Чулев.

Според министерот, СВР Штип, има позитивни резултати, но има потреба од повеќе работа.
„ Во делот на она што значи справување со криминалните структури кои се активни на подрачјето на СВР Штип, ќе треба да се преземат сериозни дополнителни активности“, изјави Министерот.

За „криминални структури“, министерот појасни дека се работи за различни облици на насилен криминал, изнуди, имотни деликти и инволвираност во илегална трговија со наркотици.

Посебен акцент на денешната средба беа престојните избори и нивното организирање. Министерот очекува фер и демократски избори и најави дека секоја изборна нерегуларност и секој обид за нарушување на гласачкото право на граѓаните, најстрого ќе се санкционира.