Куртулија џиповите од донираниот „Пајак“ на Општина Штип – ММС
ММС

Објавено на: 01/29/20 2:58 PM

Куртулија џиповите од донираниот „Пајак“ на Општина Штип

Од осми јануари годинава, во Штип почна да работи на терен специјалното возило – „Пајак“ за отстранување на непрописно паркираните возила од јавните површини. Возилото од марка „мерцедес“ старо 24 години, е донирано од ЈП Паркинзи на Општина Центар уште во летото 2018 година. Меѓутоа, по една и пол година, само што беше ставено во функција, беше пратено на сервисирање. Ова го потврди Сашко Протогеров, директорот на ЈП „Стипион 2008“, кое стопанисува се градските паркинзи во Штип.
-Во првите денови од работата на возилото, подигнати се 10 возила. Сите се однесени на плацот на јавното претпријатие во населбата „8 Ниември“, изјави Протогеров.
Сепак, Протогеров не ги потврди шпекулациите дека дефектот настанал поради тоа што возилото може да подигнува само полесни возила. Според директорот на „Стипион 2008“, „Пајакот“ може да отстранува возила со тежина до 2 тона, додека потешките, како поголемите џипови, нема да може да бидат отстранети.
Цената на преземање на веќе одземените возила е 2000 денари, додка сопственикот плаќа 1000 денари, доколку се најде на местото на кревањето на неговото возило.
Паркинзите со кои управува ЈП „Стипион 2008“, ако се суди според финансиските показатели, не носат значаен приход на претпријатието. Во завршната сметка за 2018 година, прикажан е приход од 5.177.612 денари или околу 84.000 евра. Трошок се провизијата за СМС – 224.862 денари и за билетите за паркирање – 106.331 денари. Најголем приход носи паркирањето – 4,1 милион денари, додека приходот од блокатори изнесува 671.988 денари.