Фетаи: Канцеларијата на ЕУ да учествува во изборот на обвинителите – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/20 6:57 PM

Фетаи: Канцеларијата на ЕУ да учествува во изборот на обвинителите

Нашата цел е да дојдеме до законско решение кое ќе му овозможи на обвинителството ефикасно да се бори со организираниот криминал и со корупцијата. Текстот за прелдог законот не е идеален, но е солиден, рече обвинителката Фатиме Фетаи на денешната јавна расправа за Законот за Јавно обвинителство.

– Треба да има промени кај надлежноста на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и избор на шеф и обвинители. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција треба да постапува пред кривичниот и пред апелациониот суд, а со тоа да му биде променет и називот во Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – истакна Фетаи.

Таа смета дека најдобро решение би било доколку обвинителот од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапува и во апелација, бидејќи, како што посочи, тој најдобро си го познава предметот.

– Критериумите за избор на шеф и обвинители во обвинителството треба да бидат построги. Ние сме мала држава и може да се појават секакви влијанија. Токму затоа предлагам во постапката за избор на шеф и обвинители во тоа обвинителство да биде вклучена и канцеларија на ЕУ во Република Северна Македонија преку мониторинг почнувајќи од моментот на интервјуирање до избор на кандидатите и тие да имаат право да дадат мислење за тие кандидати. Секако, во целиот процес треба и јавноста да биде максимално вклучена, дали преку јавно објавување или на интервјуата да видиме какво претходно искуство имал кандидатот. Само на тој начин би се приближиле до целта, а тоа е обвинителите да влеваат доверба во јавноста и само така обвинителот ќе продуцира правда – истакна Фетаи.