Стефанова: Јанева бараше позитивно мислење за поблаги казни за осомничените во „Империја” – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/20 2:08 PM

Стефанова: Јанева бараше позитивно мислење за поблаги казни за осомничените во „Империја”

Катица Јанева никогаш не се мешаше во мојата работа, се до декември 2018 година кога бараше да се даде позитивно мислење за одредување поблаги мерки за осомничените во предметот „Империја”, истакна обвинителката Лиле Стефанова во улога на сведок на денешното судско рочиште за случајот „Рекет”.

На прашања од одбраната на обвинетата Катица Јанева, обвинителката Стефанова рече Јанева, многу малку знаела за предметот „Империја”.

Таа одговараше и на прашање во однос тоа кој знаел дека ќе се врши претрес кај Јордан Камчев.

– Информацијата дека ќе се врши претрес кај Јордан Камчев, не излезе од СЈО, туку однадвор. При претресот се најдоа нови телефони, штотуку ставени во употреба, рече Стефанова.

Во текот на денешното сведочење, Стефанова рече дека осомничените во предметот „Империја”, скоро секогаш успевале да дознаат што СЈО презема против нив. Посочи дека со обвинетата Катица Јанева, имало негодување при нејзиното барање да се прифатат поблаги мерки за Јордан Камчев, Сашо Мијалков и другите притворени лица во случајот „Империја”.

Обвинетата Јанева, односно поранешната шефица на СЈО, на 16 април 2019 побарала од Стефанова и Бурим Рустеми да изготват решенија за случаите „Империја” и „Поштенска Банка”, за да се плати штета и да се затворат предметите.

Следното рочиште за предметот „Рекет” е закажано за 28 јануари и е предвидено да продолжи со сведочење на обвинителот Бурим Рустеми.

При завршување на денешното рочиште, обвинетата Катица Јанева беше отстранета од судница за недолично однесување кон Стефанова. Додека се размина со новинарите, Јанева, изјави дека „не чинела зошто и го возела мачето”.

МИА