Снимателите на „Медена земја“ добитници на награда за најдобра кинематографија – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/20 2:15 PM

Снимателите на „Медена земја“ добитници на награда за најдобра кинематографија

Снимателите на филмот „Медена земја“ Самир Љума и Фејми Даут се добитници на наградата за најдобра кинематографија што синоќа првпат ја додели Американското здружение на кинематографери во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.

Наградата, што годинава ја воведе Асоцијацијата на кинематографери на Америка, им ја врачи режисерот на филмот „Joker“, Тод Филипс, кој рече дека сега е златно време за документарните филмови.

На 34. доделување на наградите Љума порача дека ја добил најважната награда што може да ја посака еден кинематографер.

– Многу сме среќни што сме први од Македонија што воопшто учествуваат на овие награди, рече Даут во кусото интервју за American Cinematography по доделувањето на наградите и се заблагодари за укажаната чест.

https://www.facebook.com/AmericanCinematographer/videos/137405053956609/

Љума посочи дека се радува што се првите добитници на наградата во оваа категорија.
– Ја изразувам мојата благодарност до Асоцијацијата на кинематографери која ги отвори вратите за кинематографијата во документарните филмови. Сакам да им порачам на сите што сакаат да се занимаваат со оваа дејност дека не е важно од каде доаѓате и ако сте искрени во тоа што сакате да го работите, еден ден можеби оваа награда ќе биде ваша, порача Љума.
За најдобар кинематографер беше прогласен Британецот Роџер Дикенс за филмот „1917“ во режија на Сем Мендес.
Во категоријата Најдобри режисери на Здружението на режисери на Америка чии награди, исто така, беа доделени синоќа беа номинирани и режисерите на „Медена земја“ Тамара Котевска и Љубо Стефанов. Наградата во оваа категорија му беше доделена на режисерот Стивен Богнар за филмот „Американска фабрика“.