ИЈЗ: Регистрирани 1.100 заболени од грип – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/20 1:56 PM

ИЈЗ: Регистрирани 1.100 заболени од грип

Во текот на изминатата недела (од 13 јануари до 19 јануари) во државава се регистрирани 1.100 заболени од грип, што е зголемување за 88,7 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 583 заболени, се наведува во извештајот што денеска на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од ИЈЗ посочуваат дека се очекува пораст на активноста на вирусот и достигнување пик на сезоната на грип во текот на следните недели.

Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, како што се истакнува, пристигнати се 40 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, 20 (50 отсто) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – кај 12 е детектиран тип А (кај пет A/H1pdm, кај четири A/H3 и кај тројца несубтипизирани), а осум се со инфлуенца тип Б.

Најголем број случаи (689) се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15 до 64 години, додека највисока инциденца од 106,7 на 100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата на возраст до четири години

Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Струмица (218), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата која ја покрива Подрачната единица Дебар (569,3 на 100.000 жители) со 158 пријавени случаи.

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број заболени од грип изнесува 2.718.

МИА