Атиџе Муратова, ѕвездата на „Медена земја“, ќе добие вработување, нов покрив за нејзината куќа и ќе сними две песни – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/20 7:25 AM

Атиџе Муратова, ѕвездата на „Медена земја“, ќе добие вработување, нов покрив за нејзината куќа и ќе сними две песни

Атиџе Муратова, главната хероина од македонскиот документарен филм „Медена земја” ќе биде работно ангажирана во општината Лозово и нејзината куќа ќе добие нов покрив, потврди синоќа за МИА градоначалникот на општината, Ацо Велковски.

Посочи дека тоа и’ било соопштено на Муратова, која вчера ја посетила Општината.

– Среќна, насмеана и радосна од веста што општина Лозово и јас како градоначалник дадовме ветување дека ќе се погрижиме за куќата на Атиџе да добие нов покрив. По завршување на турнеите и земањето на оскарите, Атиџе ќе биде работно ангажирана во општина Лозово, рече Велковски.

Додаде дека и’ ветил оти нејзините две песни ќе бидат обработени целосно со музички аранжман и ќе може да ги испее и сними професионално во музичко студио.

„Медена земја” е во трка за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм на свеченото доделување на најпознатата филмска награда, што ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес.