Уништена е дел од опремата околу соларното дрво на Кејот на Вардар. Скршен е ормарот во кој се сместени уредите, при што е украдена внатрешната опрема и батериите за работа на ова соларно дрво (полнење на електрични тротинети и други е-уреди).
– Овој вандалски чин е направен во текот на викендот, а штетата изнесува околу 120 илјади денари. Во изминатиот период сведоци сме на свесно уништување на новопоставената урбана опрема во Општина Карпош, крадење на украсни растенија и новозасадени дрвја, соопштуваат од општинската прес-служба.
Од Општина Карпош бараат одговорност за сторителите и ги повикуваат надлежните институции да преземаат мерки за санкционирање на овие вандалски чинови.
Посочуваат дека најголемиот дел од уништените добра се набавени со пари на граѓаните – буџетски средства и апелираат сите да бидеме одговорни и свесни за тоа што го правиме.
– Деструктивните активности имаат за цел да креираат слика на нефункционалност на локалната самоуправа, но штетата што се прави е колективна. Ништо нема да не поколеба во намерата да продолжиме да работиме за Карпош кој оди напред, со нови идеи и енергија, а не со вандализам и деструкција, се наведува во соопштението.
МИА