Албанскиот премиер Еди Рама поднесе во Основниот суд во Приштина тужба за клевета против косовскиот премиер во заминување Рамуш Харадинај за наводна размена на територија. Доцна синоќа Харадинај возврати и рече дека Рама бега од одговорност.
Албански медиуми синоќа пренесоа дека тужбата била напишана на повеќе од 30 страници и оти во неа се наведува дека Харадинај во неколку ТВ емисии во октомври минатата година го „обвинил Рама дека со Хашим Тачи и Александар Вучиќ покренал идеја за размена на територија меѓу Косово и Србија“.
„Тужбата на премиерот Рама е целосно неосновна и негова политичка диверзија како да се сокрие и со медиумска драма да избегне одговорност. Нашиот народ и Косово имаат луѓе кои ќе бидат браник во секој случај – напишал Харадинај синоќа на Фејсбук.


