Алпинистите Зоран Мајсторски од Радовиш, Назир Мурсели од Тетово и Ненад Радевски од Скопје во текот на викендот имаа тренинг-качување по импресивните високи и замрзнати водопади на Патишка Река, а Мајсторски, кој е голем вљубеник и во фотографирањето, направи убави фотографии од настанот.
„Предизвик е да се биде во таква природна убавина, која е малку позната, иако е во близина на Скопје, што покажува дека Македонија има уште многу малку познати и неоткриени природни реткости. Иако на планината речиси немаше снег, водопадите на Патишка Река беа цврсто замрзнати, па немавме проблеми со искачувањето“, вели за ММС Зоран Мајсторски.