Неда Арнериќ, ѕвезда на екс-југословенскиот и српскиот филм почина вчера на 67 години. Телото на починатата актерка го пронашол брат и’ во нејзиниот стан во Белград. На нејзината смрт и претходеше губење на свеста, на почетокот на минатата година, по што помина период во болница.
За Македонија ја врзува работата на филмот „ Исправи се Делфина “, кој го режираше Александар Ѓурчинов. За ова остварување, Неда Арнериќ освои Сребрена aрена, 1977 година, на фестивалот во Пула , како и „ Царица Теодора “ на Нишкиот филмски фестивал.
Се прослави со улогите во филмовите „Вишња од Ташмајдан“ , „ Пладне“, „ Неделен ручек“, „ Татко на определено време“, „ Приказни преку полна линија“, „ Кој тоа таму пее“, „ Крајот на војната“ „ Халоа “, „ Три билети за Холивуд“. Играше и на телевизија и во театар.